Годинашната разнообразна уметничка и изложбена програма на Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде заокружена со уште една импозантна меѓународна изложба, која ќе биде отворена денес, во 20:00 часот.
Изложбата „Војна на сетилата/Војна врз сетилата“ ги вклучува едни од најреномираните автори и уметнички колективи денес, добитници на бројни награди и признанија, меѓу другите и престижната ,,Тарнер’’ награда.
Во поставката ќе бидат изложени дела на интернационални и македонски автори: Лоренс Абу Хамдан, Бејрут урбан лаб, Центар за просторни технологии, Форензичка архитектура, Кумјана Новакова, во соработка со Метју Фулер ќе се претстават и Мацуко Јокоџи и Грахам Харвуд од колективот ЈоХа.
Куратори на изложбата се Метју Фулер и Тихомир Топузовски.
Војната е сеприсутна денес. Како да го сфатиме тоа? Војната зазема сè повеќе простор посредувана преку технологиите, кои влијаат врз нашите сетила, како и врз нашите дејствувања. Покрај уништувањата што ги предизвикува војната, таа дејствува преку сферата на сетилноста и врз сетилата. Сензорните технологии влијаат и ги посредуваат начините на кои ние го искусуваме, спознаваме, интерпретираме, класифицираме и опстојуваме во светот, како и на трагите од нашите постапки.
„Војна на сетилата/Војна врз сетилата“ ja воочува естетиката како основна на феноменот на војната. Сетилата се клучно место преку кое се проследува војната, притоа станувајќи и нејзини цели. Имено, гледајќи ги конфликтите како енормна количина податоци кои циркулираат онлајн со значителна брзина, тие ги трансформираат чувствата и искуствата; особено преку она што се подразбира како информатичка војна, кампања на дезинформации, како и автоматизираноста на самото војување денес. Развојот на технологијата ги прераспределува приказите на кризите и воените конфликти претставувајќи место на одвивање на војната, како и дел од секојдневните вести.
Изложбата се фокусира на релациите помеѓу современите дигитални технологии и продукцијата, дистрибуцијата, интерпретацијата и користењето слики како евиденција за војната во насока на истражување на поврзаноста помеѓу естетиката и насилството. Изложбата прикажува шест проекти кои ги истражуваат и анализираат овие состојби. Секое поединечно дело влијае на начините на разбирањето одредени случаи, воедно приложувајќи евиденција тие да претставуваат и повик за праведност.