Во рамки на септемвриската програма, вечерва во Кинотека на Македонија, со почеток во 20:00 часот, ќе имате можност да го погледнете играниот филм „Малиот Човек“.
Мишо е дете на разведени родители. Живее со мајката која не му обрнува многу внимание и малку време минува со синот. Случајното кршење на излогот на слаткарницата, средбата со љубовникот на мајката и инцидентот во училиштето се случуваат едно по друго ги потенцираат збрката и тагата во детската душа. Мишо бега од училиштето и на брегот на реката наоѓа нови другари, не претпоставувајќи дека се тоа мали крадци, предводени од возрасниот Бајо кој, за разлика од мајка му, знае да разговара со него.
Мајката го пријавува исчезнувањето на детето во милицијата. Бајо, кој му дава засолниште на малиот Мишо, прави план за ограбување на една продавница во која е можно да се влезе низ мал прозорец. За таа цел го користи Мишо. Соочен со вистината, Мишо го привлекува вниманието на милицијата кршејќи го излогот на продавницата. Бајо е фатен, а малиот човек трчајќи заминува во ноќта.
Филмот е во продукција на Вардар Филм, а во режија на Жика Чукулиќ, еден од првата генерација на повоените југословенски режисери. Во филмот игра и (тогаш) деветогодишниот Емил Рубен, што е една од првите улоги на големиот македонски актер.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари
МАЛИОТ ЧОВЕК
(Mali Čovek)
Игран филм, SFRJ
1957, 152 мин., колор, ДЦП
Режија: Чукулиќ Жика
Сценарио: Маричиќ Светолик, Новак Јосип, Радишиќ Ѓорѓе, Чукулиќ Жика
Главни улоги: Марковиќ Раде, Плеша Бранко, Рубен Емил, Ступица Мира, Џувалековски Илија