(ФОТО) Вечерва со два концерти завршува 36. џез-фестивал во Скопје


На последната вечер ќе се одржат два концерти, на квартетот на Крег Тејборн од САД и на нордискиот ансамбл „Ларџ јунит“.
Триесет и шестиот Скопски џез-фестивал ќе заврши вечер со два концерта – на квартетот на Крег Тејборн од САД, еден од најдобрите светски џез-пијанисти, и на нордискиот ансамбл „Ларџ јунит“ на норвешкиот музичар Пал Нилсен-Лав.
Пијанистот, органист, клавијатурист и композитор Крег Тејборн станал столб на реномираната издавачка куќа ECM Records. Има широк спектар стилови кои често ги адаптира кон природата на инструментот и звуците што тој може да ги создаде. Има објавено шест албуми под свое име, а на повеќе од 80 се појавува како придружен музичар.
Се смета за најдобар џез-пијанист во својата генерација. Повеќепати ја добил наградата „Пијанист на годината“. Тејборн е на турнеја на која го промовира најновиот диск на својот квартет со етикетата на ECM (Daylight Ghosts) објавен во февруари годинава.

Џез-фестивалот во Скопје вечер ќе го затвори Пал Нилсен-Лав, еден од најпродуктивните и најактивни норвешки музичари во последните 20 години. Тапанар со илјадници свирки и стотици снимки, кој соработувал со многу бендови и музичари, како Арто Линдзи, Акира Саката, Кен Вандермарк, Питер Бротсман… а во 2013. решил да основа свој голем ансамбл – „Ларџ јунит“ (Large Unit).
„Нордиска музика во своето најмоќно издание“ – вака организаторот ја најавува групата во која членуваат млади музичари од Норвешка, Финска, Шведска и Данска. Од формирањето пред четири години тие настапуваат на турнеи и фестивали низ Европа, а во 2014 го објавиле деби-албумот „Erta Ale“.
Пред вечерните концерти во Македонската опера и балет, од 17. часот во кино „Фросина“ соло-настап ќе има и Роберто Отавиано, еден од најпознатите италијански саксофонисти, кој е концертно активен од 1979. година. Соло-проектот е наречен „Lontano“ и е фокусиран на идејата за миграцијата и номадизмот.
Отавиано соработувал со познати европски и американски музичари и има богата и разновидна дискографија. Основач е на џез-одделот на Музичкиот конзерваториум во родниот град Бари, каде работи веќе 30 години.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Вечер посветена на Коле Манев во Кинотека на Македонија

Кинотека на Македонија утревечер ќе биде местото каде што љубителите на филмската уметност ќе имаат …