Една нова студија покажала дека загадувањето на воздухот, особено она предизвикано од гасовите од автомобилите, може да биде значајна причина за зголемување на стапките на аутизам кај децата.
Имено, изложеноста на азотен оксид (NO), кој се создава при согорување на горивото, може да претставува ризик за детето додека неговата мајка е сеуште бремена или во првите месеци од животот. Резултатите од гореспоменатата студија беа објавени денеска во медицинското списание Brain Medicine.
Студијата истакнала дека азотниот оксид е вообичаен загадувач на воздухот, кој главно се произведува од емисиите од моторните возила и согорувањето на фосилни и индустриски горива. Утврдено е дека изложувањето на азотен оксид и неговиот дериват азот диоксид (NO2) за време на бременоста или раното детство го нарушува нормалниот развој на мозокот.
Укажано е дека времето на изложеност на азотен оксид е клучно. Изложеноста на споменатите загадувачи за време на бременоста и раниот постнатален развој претставува, како што е проценето, значителен ризик од нарушувања на спектарот на аутизам (АСН), бидејќи овие периоди се клучни за развојот на мозокот. Нагласено е дека лицата со генетска предиспозиција за АСН може да бидат почувствителни на штетните ефекти од изложеноста на азотен оксид.
Студијата истражувала и други загадувачи на воздухот, за кои исто така било откриено дека го зголемуваат ризикот од аутизам.
„Бензенот е испарливо органско соединение кое најчесто се наоѓа во емисиите на возилата, индустриските процеси и чадот од тутун. Изложеноста на мајката на азот диоксид и бензен за време на бременоста, исто така, може да го зголеми ризикот од АСН“, напишаа авторите на студијата.
Укажано е дека азотниот оксид влијае на делови од мозокот одговорни за социјалните и когнитивните функции, кои обично се оштетени кај АСН.
Како што објаснија авторите на студијата, изложувањето на загаден воздух за време на бременоста може да го активира имунолошкиот систем на мајката, што доведува до воспаление и до промена на развојот на мозокот на фетусот, пренесува американското списание People.
Фото: Илустрација/Архива