Утре е Велики петок – најтажниот ден во христијанството. Денот кога, според традицијата, Исус Христос бил распнат на крстот. Тоа е ден на тишина, молитва и длабока внатрешна концентрација.
Велики петок е можност да се поврземе со себе, со семејството, да се потсетиме што е навистина важно. Наместо брзање, врева и телефон – момент на тишина, молитва и мир. Многумина наоѓаат одговори на овој ден, простуваат, се помируваат и се враќаат на вистинските вредности. Утре спуштете го гласот, погледнете во срцето и Велики петок нека ви го донесе она што е највредно – мир, надеж и вера.
Голем број верници го пречекуваат Велики петок во пост, без храна и вода до зајдисонце, во мир, без веселба, музика и смеа. На Велики петок нема пеење, веселба, палење свеќи „од радост“, варење месо, пиење алкохол. Тоа е време кога човек се свртува кон себе и духовноста. Не бијат црковните ѕвона, а богослужбите се тажни и тивки. На овој ден не се работи во градината, не се перат алишта, не се чисти куќата – затоа што се верува дека тоа носи немир во домот. Жените не се шминкаат, не носат нова или весела облека, сето тоа е во почит кон жртвата што Христос ја направи за човештвото.
Фото: Архива