Трета сесија од литературно-едукативниот циклус „Процеп во процес“ – Кога книжевноста оживува на филмското платно

Во третата сесија од литературно-едукативниот циклус кој полека си го дефинира и оправдува своето име „Процеп во процес“, како соработка помеѓу филмскиот фестивал на кратки филмови, Winter Apricots, и Центарот за култура „Марко Цепенков“, на гости ја имаме Ана Опачиќ, доцент на Универзитетот „Еуропа Прима“ и теоретичарка на филмската уметност, со нејзината докторска дисертација спакувана во книжевен формат со наслов „Авторски политики во филмските адаптации“.

Ова теориско и аналитичко дело, во три сегменти (како што е конципирана неговата содржина), преку апликативен модел на анализа прави истражувачко спојување на две круцијални уметнички форми – книжевноста и филмот. Во истата, Опачиќ загатнува неколку клучни прашања од областа на интермедијалноста при филмските адаптации на книжевни дела.


Дополнително, прави паралели за „можностите и неможностите“ на филмскиот и книжевниот јазичен израз и нивните меѓусебни надополнувања и за границите на авторството во филмската уметност при обработка на книжевно дело, сето тоа анализирано низ филмските адаптации врз примерите на новелата „Смрт во Венеција“ на германскиот писател Томас Ман во истоимениот филм на италијанскиот режисер Лукино Висконти, на драмата „Војцек“ на германскиот писател Георг Бихнер во истоимениот филм во режија на германскиот режисер Вернер Хергоц и во поезијата на рускиот писател Арсениј Тарковски во филмот „Огледало“ во режија на неговиот син Андреј Тарковски.

Настанот ќе се одржи денес во фоајето при НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, со почеток во 18:00 часот. Промоцијата е воведен настан во тридневното деветто издание на Интернационалниот филмски фестивал на краток филм „Winter Apricots“, кој традиционално се одржува во Прилеп, Македонија.


Промотор: Звонко Димоски
Модератор: Александар Еленин

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Оркестарот на Македонската филхармонија ќе одржи концерт во „Златната сала“ на една од најзначајните светски концертни сцени „Музикферајн“ во Виена

Оркестарот на Македонската филхармонија на 28 октомври ќе одржи концерт во „Златната сала“ на една …