Во вторник, на 13 февруари 2024 година, во Македонскиот народен театар, со почеток во 20:00 часот, ќе може да ја погледнете тетатарската претстава „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ.
Драматург: Тамара Барачков
Преведувач на драмскиот текст: Маја Трајановска-Ивановска
Сценограф: Вишња Вујовиќ
Костимограф: Ивана Каранфиловска-Угуровска
Дизајнер на светло: Крис Јегер
Композитор: Јоргос Дусос
Кореограф: Карис Пекливанидис
Улоги:
д-р Томас Стокман, лекар во општинската бања – Никола Ристановски
Катарина, неговата сопруга – Звездана Ангеловска
Петра (нивната ќерка), наставничка – Дарја Ризова
Ејла, нивната средна ќерка – Јана Вељановска
Мортине, нивната најмала ќерка – Ана Арсовска/Лана Грпчевски
Петар Стокман (брат на лекарот), градоначалник и претседател на управниот одбор на бањата – Благој Веселинов
Мортен Кил (потатко на Катарина), кожар – Петре Арсовски
Ховстад, уредничка на „Народен гласник“ – Сашка Димитровска
Билинг, соработник на „Народен гласник“ – Александар Михајловски/Григор Јовановски
Аслаксен, сопственик на печатница – Нино Леви
Капетан Хорстер – Мартин Ѓоргоски/Григор Јовановски
Да се каже денес дека некој класик на драмската литература е актуелен, звучи општо кажано. Но, кога ќе го погледнеме драмскиот текст на Хенрик Ибзен „Народен непријател“ (напишан во 1882 година) фасцинантно е колку допирни точки гледаме меѓу општеството во кое живееме и она кое се врти против доктор Стокман.
Во случајот, во оваа претстава актуализацијата, пред сѐ, подразбира изострување на контекстот од каде што ја читаме драмата, без посебни интервенции во самиот текст, кој најмногу останува во својата изворна форма. Драмата совршено кореспондира и со кризата со која нашето општество повторно се соочува — преку исклучувањето на доктор Стокман од заедницата, Ибзен вешто го разоткрива општествениот конформизам и политичкото користољубие, покажува механизам со кој секој поединец што прави обид да зборува за системска неправда, автоматски го карактеризира како предавнички и заговорнички.
Во исто време, „страдањето“ на докторот е последица на неговиот стремеж да укаже на проблемот со загадената вода, што — во светлото на локалната свест за важноста на зачувувањето на животната средина — ја прави драмата на Ибзен уште поинтригантна за читање и поставување.
„Народен непријател“ отвора и важна дилема и во актуелните еколошки борби — како да се третира нешто што од една страна е извор на загадување и зараза, а од друга, главен (честопати единствен) извор на приход за поголемиот дел од населението во тој крај? Доктор Стокман е парадигма на современиот ангажиран маж, но тој е и идеалист кој верува дека промената е можна, и дека моменталното жртвување е неопходно, без разлика колку е тоа болно. Можеби на почетокот несвесен за последиците и проблемите што ќе му ги донесе неговиот бескомпромисен став, и покрај ударите што му ги нанесе општеството, предводени од владејачката политичка структура и нестабилните новинари, доктор Стокман низ предизвици и падови, созрева и ги зајакнува, ги освестува и ги зацврстува своите крајни цели.
Големо прашање е како денес да се прочита и да се толкува крајот на претставата. Во време кога, често, системот успева да го сомеле и да го совлада поединецот, предизвик е да се направи возможен и убедлив Стокмановиот оптимизам и одлуката да остане, но подеднакво важно е и прецизно да се дефинира (следната) цел и да се конкретизира полето за понатамошната борба на овој Ибзенов херој, се вели во драматуршката белешка на Тамара Барачков, драматургот на оваа претставата.