Театарската претстава „Добри луѓе“ утревечер во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес

Третата изведба на театарската претстава „Добри луѓе“, ќе може да ја погледнете на 26 февруари 2024 година, во 20:00 часот на малата сцена во Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес.

„Добри луѓе“ според Данкан Мекмилан
Преведувач: Наташа Пеевска
Адаптација и режија: Тамара Стојаноска
Играат: Тијана Трајчевска и Филип Христовски
Музика: Ива Дамјановски и Виктор Танасковски
Дизајнер на постер и рекламен материјал: Бојана Цилевска
Извршен продуцент: Бобан Алексоски
Фотографија: Данчо Стефков
Продукција: Театар „Златен Елец“ Скопје


„Добри луѓе“ е дуодрама работена според Данкан Мекмилан, авторски материјали и инспирација од The Relation Work Project (1976-80) на Марина Абрамовиќ и Улај. Претставата е интимна анализа на една љубовна врска и зборува за предизвиците со кои се соочуваат љубовните парови во денешно време и поставува едно навидум апсурдно, но легитимно еколошко и етичко прашање. Дали е оправдано да се има деца во загаден свет во кој секое суштество создава огромни количества јаглерод диоксид, но и во свет каде што тој нов живот треба да се соочи со некои сериозни егзистенцијални проблеми со можни трагични исходи: еколошки катастрофи, пандемии и огромни економски и социјални колапси?

„Добри луѓе“ ги испитува емоционалните последици од справувањето со огромната климатска криза и тешките одлуки што секојдневно мораме да ги донесеме како поединци и како општество. Се поставува и прашањето дали сме добри луѓе и дали воопшто можеме да бидеме добри луѓе во ваков анксиозен и пластичен свет исполнет со глобална вознемиреност, лоши навики, тероризам, непостојани временски услови и политички немири.


Ликовите живеат со анксиозност, паника и притисок од надворешната околина, но тешко и бавно носат промени во своите лични постапки и се губат во системот. Грижата за околината е како маска за нивната вознемиреност и опседнатост со прашањето дали се добри луѓе. Тоа што ликовите постојано се грижат и паничат, само по себе е еден вид заменски активизам; нивната пасивна грижа станува доказ за нивната добрина и ја негира потребата за реално дејствување.

Цена на билет 200 денари. Работно време на билетарницата од 10 до 14 часот и од 18 до 20 часот.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

МИНЕРАЛ на кој не смееме да заборавиме во сезоната на настинки: Важен за функцијата на имунолошкиот систем

Дали внесувате доволно цинк? Сезоната на настинки и грип е во тек, а еден од …