ТАЖНА ВЕСТ: Почина македонската оперска певица Анастасија Низамова-Мухиќ

Првенката на Македонската опера и балет, Анастасија Низамова Мухиќ, почина, информираше нејзината матична куќа.
„НУ Национална опера и балет со длабока тага и жалење ја прими веста за заминувањето на оперската првенка Анастазија Низамова (1948 – 2022), мецосопран во Националната опера и балет.
Анастазија Низамова беше една од водечките имиња на македонската оперска сцена. Дипломирала соло-пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Коста Трпков, а подоцна специјализирала во Италија.
На оперската сцена на МНТ дебитирала со улогата на Ненси во операта „Алберт Херинг“, а официјално се вработува во 1972 година. Во текот на 70-тите години, Анастазија Низамова го презема речиси целиот мецосопрански фах, суверено интерпретирајќи повеќе од 20 главни и споредни улоги од својот фах, во кои манифестира извонредни гласовни квалитети и префинето чувство за артизам. Од позначајните улоги, се издвојуваат Кармен во истоимената опера, Амнерис во „Аида“, Мадалена во „Риголето“, Адалџиза во „Норма“, Орфеј во „Орфеј и Евридика“, Розина во „Севилскиот бербер“, Улрика во „Бал под маски“, Еболи во „Дон Карлос“, Лола во „Кавалерија Рустикана“, Ирена во „Цар Самоил“, Чипра во ,,Баронот циганин” и многу други.
Анастазија Низамова ќе остане запаметена и како чест изведувач на концертниот подиум, реализирајќи повеќе соло-рецитали и настапувајќи во повеќе вокално-инструментални дела. Покрај оперската музика, таа, со особено изразен темперамент се јавува и како интерпретатор на многубројни џез-композиции и спиритуали.
Длабоко сочувство до семејството.
НУ Национална опера и балет“.


Фото: Принтскрин/Facebook


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Отворен повик за учество во работилница „Вовед во сценска костимографија“

Во рамки на годишната програма, КСП Центар- Јадро организира работилница за сценска костимографија во текот …