Среќен роденден Јелена Јованова !!!

Јелена Јованова е родена во Бања Лука на 21 октомври 1984 година. Таа е македонска театарска, филмска и телевизиска глумица, и е една од најталентираните и најнаградувани македонски глумици од помладата генерација.

Нејзиниот татко е Македонец од Штип, а мајка и е Србинка од Приедор. Таа има постар брат кој работи како новинар. Нејзините родители се запознале и долго време пред нејзиното раѓање живееле во Загреб, каде што е роден нејзиниот брат, но подоцна решиле да се преселат во Штип. Покажала големи склоности кон уметноста уште на рани години, а започнала со глума во средношколските денови.


Во 2002 година ја добила наградата за надежен млад глумец во Македонија на Драмскиот аматерски фестивал во Кочани за улогата на Кристина во „Дупло дно“ од Горан Стефановски. Се запишала на Факултетот за драмски уметности во Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каде што дипломирала на отсекот за глумечка игра во класата на Владо Цветановски во 2007 година.

Јелена првите театарски улоги ги добила уште како студент, а во тој период особено се прославила како Бисера во „Демонот од Дебар маало“ од Горан Стефановски. Оттогаш, одиграла бројни улоги во театарски претстави поставени во Народниот театар во Штип, Драмскиот театар во Скопје и Македонскиот народен театар. Меѓу позначајните се издвојуваат оние на Хани во „Кој се плаши од Вирџинија Вулф?“ од Едвард Олби; на Хасанагница во театарската адаптација од Љубомир Симовиќ на истоимената епска песна; како и на Рокси Харт во мјузиклот „Чикаго“ од Фред Еб и Боб Фоси, којшто го означил враќањето на овој жанр на театарското поприште во Македонија. Од 2009 година работи во Македонскиот народен театар.


Во филмската уметност, Јелена се пробила со улогата на Јасмина во ирскиот филм номиниран за Оскар за најдобар странски филм „Како да ме нема“ во режија на Хуанита Вилсон од 2010 година, а веќе следната година ја добила улогата на Есма во режисерскиот првенец на Анџелина Џоли „Во земјата на крвта и медот“ и со тоа станала најмлада глумица од Македонија која настапила во холивудски филм. Подоцна, се појавила во главната улога на Јована во првиот македонски филмски мјузикл „Црно и бело“, го толкувала ликот на Вера во шпанскиот филм „El desentierro“, а во ликот на Светлана глумела во српскиот детски филм „Ловци на вештерки“.

Телевизиската кариера ја започнала со надсинхронизација на цртани филмови, телевизиски и радиски реклами. Во периодот од 2008 до 2012 година била водителка на телевизиската емисија за автомобили „Високи Октани“. Во 2013 година зела учество во првата сезона од македонското издание на реалното шоу „Танц со ѕвездите“, каде што настапила заедно со Христијан Димитровски. Претстојниот период го посветила на глума во телевизиски серии. На самите почетоци ја добила главната улога на Марина во хрватската серија „Тајни“. Потоа, преку ликот на Милена се појавила и во првата македонска серија снимена според странска лиценца „На терапија“. Особена популарност стекнала со улогата на Јелена во македонската ситуациска комедија „Преспав“.


Во брак е со хрватскиот глумец Стјепан Периќ од 2015 година, со кого се запознала за време на снимањето на серијата „Тајни“. Со него има син Јаков роден во јуни 2020 година. Живее во Загреб и работи во Скопје, па постојано е на релација меѓу Хрватска и Македонија.

Редакцијата на Екран ја користи оваа прилика да и го честита роденденот на нашата Јелена.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Извонредно шоу и ПАРАДА НА НАЦИИ за паметење! Скопје се покажа како одличен домаќин и приреди светски настан за IDO World Hip-Hop Championship & Street Dance Show 2024

Публиката која го наполни Спортскиот центар „Борис Трајковски“ сведочеше на еден од најинтересните мигови од …