Среќен роденден Игор Џамбазов!!!

Игор Џамбазов е роден е на 15 јули 1963 година во Скопје во семејството на композиторот Александар Џамбазов и глумицата Анче Џамбазова, а како внук на истакнатиот глумец Петре Прличко. Што се однесува до почетоците во глумата, неговата првична професија, Игор Џамбазов со глума почнал да се занимава на шестгодишна возраст кога глумел во филмот „Македонскиот дел од пеколот“, во режија на Ватрослав Мимица. Во текот на детството, во тинејџерскиот период, па сè до запишувањето на Академијата за драмски уметности, тој е присутен во различни емисии и серии. Значајна улога во овој период е улогата на Трајче во филмот кој се заснова на истоимената книга „Волшебното самарче“ од Ванчо Николески. Во филмот ја играл главната улога заедно со легендарниот глумец Ристо Шишков.

По дипломирањето на Академијата за драмски уметности во класата на проф. Вукан Диневски, се вработува во Драмски театар – Скопје, а подоцна преминува во МНТ. Одреден период тој ја имал можностa да глуми во МНТ додека во него сѐ уште глумеле неговата мајка Анче Џамбазова и неговиот дедо Петре Прличко. Во 1996 година играл во филмот „Добредојдовте во Сараево“ (“Welcome to Saraevo”) во режија на Мајкл Винтерботом. Се снимал во Сараево за време на војната, па во Сплит и две недели во Лондон. Ликот што го толкувал бил меѓу првите десет важни лика. Во филмот се појавиле Вуди Харелсон, Мариса Томеи, Горан Вишниќ, Стивен Дилен и други. Премиерата била на Канскиот фестивал.


После одредено време тој прекинува да глуми во Македонскиот народен театар, но во 2016 се враќа на сцената со претставата „Брачна игра“ во режија на Тони Михајловски и според текст на Едвард Олби. Во неа, Весна Петрушевска и Игор Џамбазов, ги играат главните ликови, брачниот пар Џилијан и Џек. Во 2017 година пак го игра главниот лик Мишел Радински во „Говорна мана“ во режија на Драгана Милошевски-Попова, според текст на познатиот српски театарски и филмски режисер Горан Марковиќ.

Театрографија:


  • Режисерот Љубиша (Без галама, 2018), автор: Мајкл Фрејн, режисер: Тони Михајловски, копродукција: Македонски народен театар и Брачна игра;
  • Татко на Ана (мјузикл Тајно моја, 2017), либрето: Огнен Неделковски, режисер: Тони Михајловски, продукција: Македонска опера и балет – Скопје;
  • Мишел (Говорна мана, 2017), автор: Горан Марковиќ, режисер: Драгана Милошевска – Попова, продукција: Македонски народен театар;
  • Џек (Брачна игра, 2016), автор: Едвард Олби, режисер: Тони Михајловски, продукција: Македонски народен театар;
  • Кралот Иби (Кралот Иби, 2007), автор: Алфред Жари, режисер: Бојан Трифуновски, продукција: Македонски народен театар;
  • Јеротие Пантиќ (Сомнително лице, 2007), автор: Бранислав Нушиќ, режисер: Синиша Евтимов, продукција: Македонски народен театар;
  • Алексо (Лаж и паралаж, 1996), автор: Јован Стерија Поповиќ, режисер: Егон Савин, продукција: Македонски народен театар;
  • Маки ножот (Опера за три гроша, 1996), автор: Бертолд Брехт, режисер: Владо Цветановски, продукција: НТ „Војдан Чернодрински“- Прилеп;
  • Голдеберг (Роденден, 1995), автор: Харолд Пинтер, режисер: Васил Христов, продукција: Македонски народен театар;
  • Џими (Обѕирни се во грев, 1995), автор: Џон Озборн, режисер: Васил Христов, продукција: Македонски народен театар;
  • Мане (Буре барут, 1994), автор: Дејан Дуковски, режисер: Сашо Миленковски, продукција: Македонски народен театар;
  • Спира (Народен пратеник, 1993), автор: Антон Павлович Чехов, режисер: Бранко Ставрев, продукција: Македонски народен театар;
  • Џанго, Црни (Грев или шприцер, 1991), автор: Сашко Насев, режисер: Димитар Станковски, продукција: Драмски театар – Скопје;
  • Ацо Шпрт (Чија си, 1992), автор: Сашко Насев, режисер: Димитар Станковски, продукција: Драмски театар – Скопје;
  • Арман (Балконот, 1991), автор: Жан Жеже, режисер: Ивица Кунчевиќ, продукција: Драмски театар – Скопје;
  • Силјан (Силјан штркот шанца, 1990), автор: Дејан Дуковски, режисер: Драгослав Тодоровиќ, продукција: Театар за деца и младинци – Скопје;
  • Пит (Спасени, 1990), автор: Едвард Бонд, режисер: Кристијан Ристевски, продукција: Драмски театар – Скопје;
  • Јанкула (Чудовиштата од нашиот град, 1990), автор: Русомир Богдановски, режисер: Коле Ангеловски, продукција: Театар за деца и младинци – Скопје;
  • Сината тога (Лице и опачина, 1989), автор: Јордан Радичков, режисер: Љубиша Георгиевски, продукција: Драмски театар – Скопје;
  • Антифол од Ефес, Антифол од Сиракуза (Забуни, 1989), автор: Вилијам Шекспир, режисер: Димитрие Османли, продукција: Македонски народен театар;
  • Едмунд Тајрон (Долго патување во ноќта, 1988), автор: Јуџин О’Нил, режисер: Патриса Хамарстром, продукција: Драмски театар – Скопје;
  • Занек (Стапица, 1987), автор: Тадеуш Ружевич, режисер: Богдан Хусаковски, продукција: Драмски театар – Скопје;
  • Сен (Смртта на Дантон, 1987), автор: Георг Бихнер, режисер: Петар Вечер, продукција: Драмски театар – Скопје;
  • Стефан Милер, Халесен Ифер (Р, 1987), автор: Јордан Плевнеш, режисер: Љубиша Георгиевски, продукција: Драмски театар – Скопје;
  • Садукеј (Салома, 1985), автор: Оскар Вајлд, режисер: Милан Белегшанин, продукција: Драмски театар – Скопје;
  • Понг (Авантурите на Понг и Луси, 1985), автор: Смит Доди, режисер: Душан Наумовски, продукција: Драмски театар – Скопје;
  • Дудикин (Иванов, 1984), автор: Антон Павлович Чехов, режисер: Бранко Ставрев, продукција: Македонски народен театар.

Филмографија:

  • Лики Ми (I love you, I swear, игран филм, 2023), режисер: Марјан Гавриловски;
  •  Сопственик на таверна, Музичар (Ослободување на Скопје, 2016), режисери: Данило и Раде Шербеџија;
  • (Боли ли?, 2007), режисер: Анета Лешниковска;
  • Ангелот (Ноќ спроти Св. Василиј,ТВ филм, 2001);
  • (Збогум на дваесеттиот век, 1998), режисер: Дарко Митревски, Александар Поповски;
  • Џекет (Добредојдове во Сараево, 1997), режисер: Мајкл Винтерботон;
  • Чале (Алф од Ново Лисиче, ТВ филм, 1990), режисер: Иван Карадак;
  • Владимир Спирковски (Викенд на мртовци, 1988), режисер: Коле Ангеловски;
  • Душко (Ѕвездите на 42-та, ТВ филм,1987);
  • Пахомиј (Климент Охридски,ТВ филм, 1986);
  • (Време на летала,ТВ филм, 1982);
  • (Учителот, ТВ филм, 1980);
  • Трајче (Македонски дел од пеколот, 1971), режисер: Ватрослав Мимица.

ТВ-серии:


  • Миле (Преспав, 2017-2020), продукција: ОХО;
  • (Седум приказни за љубовта и свршувањето, 2003);
  • Симон мечка (Наша мала клиника, 2010/11, Србија);
  • Игор (Македонија може, 1991);
  • Владимир Спирковски (Викенд на мртовци, 1990);
  • (Девојките на Марко, 1987);
  • (Театарче Лево ќоше, 1987);
  • (Училиште за кловнови, 1987);
  • (Случки од животот, 1987, една епизода);
  • (Сонце на дланка, 1986);
  • Трајче (Волшебното самарче, 1975).

Автор е на книгите:

  • Улица Диши длабоко, 2017 г., издавачка куќа Три;
  • Умрен човек, 2016 г., издавачка куќа Три;
  • Облечен човек, 2014 г., издавачка куќа Три;
  • Приказни од Мјаукедонија, 2013 г., издавачка куќа Три;
  • Прирачник за антиантиалкохоличари, , 2011 и 2013 г., издавачка куќа Три;
  • Гол човек, 2007 и 2013 г., издавачка куќа Три.

Музичка кариера:

  • „Ова не е блуз“, соло албум, 2000 г.; автор на бројни хитови: „Тажна љубов, среќна песна“ (изведувач: Тамара), „Скопје, Сарај, Матка … и обратно“ (изведувач: самиот автор), „Нешто убаво“ (изведувач: Ребека), „Во бестрага“ (изведувач: Брејк), „Слободен“ (изведувач: Ареа), „Шток ми бејби“ (изведувач: Хавана бенд) …; песна „Зошто ние се дружиме“, дует со Раде Шербеџија, 1995 г.; Грејтест хитс, соло албум, 1994 г.; настапи на фестивалите Макфест – Штип и 1992 г. и Интефест – Битола 1994 г.; автор на музиката за ТВ серијата Македонија може, 1991 г.; Хавана Бенд, формирана 1990 г.; Поп, формирана 1975 г.

Награди:

  • Награда за животно дело на Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“, 2019 г.;
  • Награда за трајни вредности на „Златна бубамара на популарноста“, 2016 г.;
  • Награда за концерт на годината на „Златна бубамара на популарноста“, 2013 г.;
  • Награда за водител на годината на „Златна бубамара на популарноста“, 1999 г.;
  • Награда за најпопуларно ТВ лице на „Златна бубамара на популарноста“, 1997 г.;
  • Награда на ревијата „Екран“ за најдобра епизодна улога за улогата на Спира во претставата „Народен пратеник“ 1993 г.;
  • Награда за најдобро актерско остварување на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ – Струмица за монодрамата „Детски работи“ од Р.Кус Струмица, 1994 г.;
  • Награда за најдобро актерско остварување на МТФ „Војдан Чернодрински“ за улогата во претставата „Црна“ на Народниот театар Куманово, 1990 г.;
  • Награда „Димче Трајковски“ за најдобар млад актер на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, 1989 г.;
  • Специјална награда за најдобар актер на меѓународниот фестивал Театарски празници во Р. Бугарија.

Среќен роденден Игор ти посакува редакцијата на Екран.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Како ефикасно да се регулира хормоналниот дисбаланс?

Хормоналната рамнотежа е клучна за здравјето на жената, влијаејќи на сè, од расположение до плодност. …