Градот Скопје оваа година не организира традиционален дочек на Новата година на градскиот Плоштад, но музичарите самоиницијативно одлучија да приредат новогодишна забава за граѓаните.
По недостигот на официјални информации од Град Скопје како ќе се прослави новогодишната ноќ, Здружението на естрадни уметници „Естрада“ покрена иницијатива да биде организатор на новогодишната забава.
Музичарите годинава ќе им приредат на скопјани забава за пречекот Новата година на Градскиот плоштад. Поттикнати од тоа што на неколку дена пред најлудата ноќ, Град Скопје нема никакви планови за новогодишната програма, иако тоа е традиција години наназад, Здружението на естрадни уметници „Естрада“ покрена иницијатива тие да бидат организатори на новогодишната забава заедно со фирмата за осветлување и озвучување „СЛС“.
– Бидејќи видовме дека Град Скопје не организира прослава за новогодишната ноќ, решивме ние тоа да го направиме заедно со компанијата „СЛС“ – изјави Горјан Стојановски, претседател на Здружението на естрадни уметници „Естрада“ .
На бината ќе продефилираат голем број познати музички имиња од нашата естрада чија настап ќе биде финансиски покриен од спонзори.
Осврнувајќи се на музичкиот дел, Стојановски најави дека програмата започнува во 20.30 часот со групата South Park која ќе настапи со странска музика за сите вкусови. При тоа, ќе изведат и нова, но и ретро музика. Во 21.30 часот ќе може да се проследи настапот на поп дуо бенд „Дупер“ кои ќе настапат со македонска авторска музика. По нив настап ќе има Ристо Самарџиев.
Атмосферата ќе се вжешти со настапот на мераклиите од „Мерак меана“ кој е предвиден за во 22 часот. Ќе пеат: Наум Петрески, Благица Павловска, Ферус Мустафов, Зуица Лазова, Ленче и Горан Кукиќ и други. По нив повторно ќе настапи Ристо Самарџиев.
Досега Градот Скопје бил организатор на прославата на градскиот Плоштад на којшто во изминатите години настапија познати музички имиња од македонската и странската сцена.
Фото: Архива