Серија работилници за креативно пишување со Венко Андоновски

Во организација на „ТРИбина“, оваа есен ќе се одржат три нови предавања за креативно пишување, наменети за идните писатели, под менторство на еден од највлијателните македонски писатели, професорот по книжевност Венко Андоновски.

Искористи ја можноста да се запознаеш со вештините на пишувачкиот занает низ крими-приказните, трилерот и мелодрамата. Ѕирни зад структурите на приказните, преврти ги жанровите, создај книжевни ликови и вешто жонглирај со перспективите.


На предавањата ќе се запознаеш со бројни книжевни ликови: од актанти до интриганти, лик-жртва и трагичен лик. Ќе научиш како да создадеш книжевен лик со кој читателите сочувствуваат и како да ја раскажеш ситуацијата од различни гледни точки. И во најконцизните, двострани комуникации, една ситуација може да се доживее на различни начини. Заплетот не е ист за крадецот, за жртвата или за полицаецот.

Серијата предавања започнува на 4 ноември, со почеток во 18:00 часот, во Јавна соба.


Програма:

04.11.
Прво предавање: ПРИКАЗНАТА И КРЕАТИВНОСТА


Предавања:
– Структура на приказната
– Омилени приказни на XXI век: крими-приказна, трилер, мелодрама (љубовни триаголници и повеќеаголници).
Вежби:
– Добиваме започната, а незавршена крими-приказна што треба да ја завршиме
– Добиваме започната љубовна приказна во мелодрамски клуч и треба да ја завршиме
– Дискутираме за завршетоците и избираме најдобри приказни.

11.11. (онлајн)
Второ предавање: ЛИКОВИТЕ И КРЕАТИВНОСТА

Предавања:
– Што е лик, а што актант
– Плочести и топчести ликови
– Типологија на ликови: лик-жртва, лик-интригант, трагичен лик
– Како ликот од хартиено суштество да стане суштество „од крв и месо“
– Солзите и смеата кај читателот – врска со ликовите.
Вежби:
– По избор, создаваме ликови за однапред скицирани приказни (според жанрот).

18.11. (онлајн)
Трето предавање: ГЛЕДНАТА ТОЧКА И КРЕАТИВНОСТА

Предавања:
– Гледна точка и фокализација: разлики
– Наративен глас соодветен на гледната точка
– Зошто еден ист настан изгледа различно од гледна точка на жртвата и од гледна точка на насилникот? Како наративниот глас на детето гледа на „сериозни настани“, а како гледа „возрасен раскажувач“
– Полифокално и полифонично набљудување на еден ист настан (игра со гледни точки).
Вежби:
– Раскажуваме една иста приказна од различни гледни точки: гледна точка на жртва, гледна точка на насилник, гледна точка на судија, гледна точка на осуденик, гледна точка на изневерен човек, гледна точка на неверна жена, гледна точка на дете, гледна точка на возрасен, гледна точка на патолошки лажго… Избирање соодветен наративен глас за секоја гледна точка.

Венко Андоновски (1964) еден од нашите најпознати писатели. Предавал, меѓу другото, и Теорија на прозата на Филолошкиот факултет и на Американ колеџ во Скопје, како и Корпоративно комуницирање и маркетинг на Меѓународниот универзитет UDG во Црна Гора.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

За квалитетна врска – Четири работи кои повеќето мажи ги сакаат во врската

Мажите нема секогаш да бидат најкомуникативни кога станува збор за нивните потреби, желби и очекувања …