Сеќавање: На денешен ден во 2009 година не напушти нашиот истакнат театарски деец Боре Ангеловски

Боре Ангеловски е роден во Велес на 25 февруари 1944 година. Тој беше истакнат и најдоследен театарски деец во Македонија, глумец, режисер, преведувач, сценограф, костимограф, театарски педагог, театарски теоретичар, бекетолог, основач и уметнички раководител на Младинско Драмско Студио – Велес, основач и уметнички раководител на Театар Чекори – Скопје, икона на драмскиот аматеризам и театарската алтернатива во Република Македонија и поранешна Југославија, првенец во сите домени и аспекти на театарската уметност, комплетна театарска личност, театарски фанатик. Како етичко-естетска поставеност, Боре Ангеловски е доајен и пионер на театарот на апсурдот во Република Македонија, поборник и следбеник на неконвенционалниот пристап кон создавањето на комплетен театарски чин, вечен експериментатор, иноватор и револуционер на комплексниот театарски израз.

Основно и средно образование завршува во родниот град. Уште како дете прави мал маалски театар Ѕвезда, во задниот двор на семејната куќа, во кој заедно со останатите деца од маалото изведуваат циркуски трикови (одење по јаже, држење стол на чело, на брада), пејат, танцуваат, рецитираат, прават куклени претстави во стара кочина за свињи, играат скечеви, приказни. На шест години зема прва награда за јавен настап пред работниците на УНР-а. Големо влијание врз Боре Ангеловски во тој период има Трајко Чоревски (таткото на Благоја Чоревски и Борис Чоревски), познат македонски глумец. Тој, освен што му го продлабочува детскиот занес за театар во афинитет, му отвора нови видици за бесценетоста на убавината, за бесмислата на материјалистичката практичност, за театарот како животна определба. Втората личност која влијае во доизградувањето на личноста Боре Ангеловски е Надежда Петровна, или како тој ја нарекува – бабушкa. Надежда Петровна е руска учителка, која во тоа време живее и работи во Велес. Таа го запознава со целокупната руска литература: Пушкин, Тургењев, Гогољ, Достоевски, Лермонтов… му ја распламтува љубовта, не само кон поезијата и литературата, туку кон уметноста воопшто. Ваквите влијанија во комбинација со вродената љубопитност и истрајност доведуваат, со тек на време, детскиот занес да стане конкретна определба во 1959 год. кога Боре Ангеловски станува дел од екипата на Народниот театар во Велес.


Боре Ангеловски започнува да работи во Народниот Театар во Велес во 1959 г. токму во периодот кога велешкиот професионален театар ја живее кулуминацијата на својот естетско-творечки квалитет – во поглед на глумечката игра и капацитет – во поглед на веќе изграден, стабилен театарски колектив. Во тој период, Боре Ангеловски ги црпи своите први искуства од плејада глумци кои се пионери и втемелувачи на глумечката уметност во Македонија: Борис Бегинов, Милојка Ковачевиќ, Благој Анчевски-Руски, Димче Петров-Галето, Никола Димитров-Кокан, Стојче Камчев, Рајна Савова, Стојна Апцева, Ратка Зарзева, Роксанда Ќекиќ, Владимир Гравчев, Виолета Џамбазова и уште многу други. Тоа се години кога Боре Ангеловски го учи занаетот во друштво на веќе формирани глумечки поединци и на репертоар кој напоредно со доминантните битови пиеси содржи и постановки на дела од класиката. Од претстава во претстава, довербата на младиот колега расте, така што тој добива сè позначајни ролји. Во Народниот Театар – Велес, Боре Ангеловски има одиграно над дваесет ролји.

Паралелно со ангажманот на професионалната сцена, Боре Ангеловски започнува да работи и на Младинската сцена на Народниот Театар-Велес. Во тој период, Младинската Сцена има огромен потенцијал. Додека професионалната сцена работи главно со проверени наслови, Младинската Сцена ја има слободата за сопствена репертоарска политика, доближување до современите и модерните текови на театарската уметност, можност за експериментирање и иновација, не само во поглед на репертоарот, туку и во поглед на формирање на нов пристап кон изградување на претставите, формирање на нова естетика на театарското изразување. Токму во Младинската Сцена започнува изградувањето на Боре Ангеловски како комплетна театарска личност. Само за две сезони Боре Ангеловски станува основен пулс, движечка сила на Младинската Сцена во Велес, пројавувајќи голема упорност и доследност во сопствениот развиток и во работата со колективот. Тој започнува да се интересира за режија, сценографија, костимографија, тука започнува и неговата педагошка дејност, не само што ги информира колегите за развитокот на театарската уметност во светот, туку настојува преку обемна литература да ги запознае со безбројните тајни и стапици на глумечкиот занает, без кои е невозможно да се оствари вистинска творба. Доаѓаат и првите признанија: I награда за улогата на Дебелиот бродоломник во На морската шир од Славомир Мрожек на Републичката Драмска Смотра – Штип во 1963 г. за истата творба добива I награда и на Југословенскиот фестивал на аматерски театри – Хвар во 1964 год. Можеби најважен момент од периодот на Младинската Сцена на велешкиот театар, е средбата на Боре Ангеловски со творештвото на Семјуел Бекет.


На 18 декември 1965 г. на Младинската Сцена при Народниот Театар во Велес, за првпат во Република Македонија премиерно е изведена претставата Чекајќи го Годо на Семјуел Бекет, во превод, режија, сценографија, костимографија на Боре Ангеловски. Тој воедно ја толкува и една од главните ролји во претставата, улогата на Владимир-Диди. На тој датум настанува пресвртница не само за Боре Ангеловски, не само за Младинската Сцена, туку и за театарот во Република Македонија воопшто. Се раѓа модерниот театар, се раѓа македонската театарска авангарда, македонската публика за првпат се судира со театарот на апсурдот. Претставата има огромен успех: на Републичката аматерска драмска смотра – Штип освојува награда за најдобра претстава, награда за најдобра режија, награда за најдобра главна машка улога за улогата на Владимир-Диди во интерпретација на Боре Ангеловски; на Југословенскиот фестивал на аматерски театри – Хвар освојува трета награда-бронзена плакета, награда за најдобра режија, награда за најдобра главна машка улога за улогата на Владимир-Диди во интерпретација на Боре Ангеловски. Забележително е што Чекајќи го Годо не е единечен случај. По големиот успех на претставата, Боре Ангеловски продолжува да се интересира уште повеќе за творештвото на Бекет. Следува Крајот на играта на Семјуел Бекет, во превод и режија на Боре Ангеловски во 1967 г. исто така за првпат на македонска сцена. Тој исто така ја толкува и главната ролја на Хам.

Во 1966 г. донесена е одлука од страна на велешкото градско собрание, а со благослов од повисоки Републички институции и специјална комисија одговорна за ревизија на театрите од внатрешноста за затворање на Народниот Театар во Велес. По тој повод Боре Ангеловски пишува високо стручна дискусија во одбрана на Велешкиот театар и токму со таа дискусија успева да се поништи одлуката и театарот да продолжи со работа. Сепак, следната година Собранието на Град Велес, пронаоѓа нов начин, донесува нова одлука и Народниот Театар – Велес се затвора во 1967 г. Се затвора и Младинската Сцена.


Веднаш по затворањето на Народниот Театар – Велес, Боре Ангеловски го формира Младинското Драмско Студио, кое во период од шест години ќе биде единствената форма на театарско живеење во Велес. Тој е основач, уметнички раководител и режисер на студиото. Започнатиот бран на нова естетика во театарското постоење во Велес со Младинската Сцена, прераснува веќе во творечка зрелост. Младинското Драмско Студио претставува специфична форма на театарско делување, единствена од таков тип во Република Македонија. Студиото освен што работи како театар со редовен репертоар, претставува и своевидна школа за театар, место каде се дискутира за театарската уметност, за литературата, за културата, место каде што доаѓа до израз не само желбата да се излезе на сцена, туку и потребата да се дојде до одредени сознанија за театарот и културата, желбата да се пронајдат нови начини за истражување на огромното сценско пространство. За да се оствари ваква програма во студиото, Боре Ангеловски ги проширува прво сопствените видици, пронаоѓа нови форми за да ги заинтересира членовите за многуте видови и можности на сценското и глумечкото дејствување. Паралелно со усовршувањето на неговата педагошка дејност, Боре Ангеловски се развива и како глумец и како режисер, за што говорат и многуте награди и признанија. Продолжува и се задлабочува интересот за новите светски тенденции во драмската уметност. Продолжува интересот кон творештвото на Бекет, кон театарот на апсурдот воопшто. Во периодот на Младинското Драмско Студио, Боре Ангеловски за првпат во Република Македонија ги поставува: Забава на Славомир Мрожек во 1968 година, Зоолошка приказна на Едвард Олби во 1968 година, Последната лента на Крап на Семјуел Бекет во 1969 година, Кралот умира на Ежен Јонеско во 1970 година, Филоктет“ на Хајнер Милер во 1971 година, Страдањата на Г-дин Мокинпот на Питер Вајс во 1971 година, Дон Жуан во пеколот на Џорџ Бернард Шо и уште десетина други претстави. Покрај работата во Младинското Драмско Студио, Боре Ангеловски започнува да настапува и на програмата на Радио Велес. Како радио реализации посебно остануваат забележани Дванаесетмината на Александар Блок, Сонетен венец на Франце Прешерн и Црниот човек на Сергеј Есенин.

Веднаш по протерувањето од Велес, Боре Ангеловски се ситуира во Скопје, каде во 1974 г. заедно со мала група колеги од Младинското Драмско Студио, го основа Театарот Чекори – Скопје, при Домот на култура Кочо Рацин. Првите неколку сезони Театарот Чекори ги изведува своите претстави на различни сцени во Скопје, а претежно во Домот на култура во населбата Маџари II. Во 1978 г. Театарот Чекори конечно се стационира во Домот на култура Димитар Влахов во населбата Автокоманда во Скопје.

Во текот на пет децениската театарска активност, Боре Ангеловски има настапувано во 37 претстави од 32 различни автори, има поставено 89 претстави од 59 различни автори, има направено над 30 преводи на драмски дела, има направено драматизации на Сердарот – Григор Прличев, Тага – Максим Горки, Крокодил – Достоевски, Гала претстава – по текстови на Чехов, Данил Хармс, Иљф и Петроф; адаптации на: Маузер-Хамлет машина – Хајнер Милер, Генерација без милост – Волфганг Борхерт, Фрагменти – Мјуриел Шизгал, Теагеритројатрија – Данил Хармс, Скица за театар – Семјуел Бекет, има направено 32 сценографии, 34 костимографии, има напишано неколку дискусии за театарот, има напишано сценарио за пантомима Сон во 1969 година, ја има напишано драмската алелуја Ал’ Бигории во 1972 година, над 700 луѓе поминале низ Младинската Сцена, Младинското Драмско Студио, Театарот Чекори, над триесет од нив продолжиле на академиите за драмски уметности и сега се афирмирани глумци и режисери: Мими Таневска, Лазе Манасков, Верица Ристевска, Љупчо Тодоровски-Упа, Ева Аманатиду, Кети Дончевска-Илиќ, Илија Рајковски, Љупчо Спасов, Роберт Вељановски, Ристо Гоговски, Роберт Симоновски, Антонио Димитриевски, Златко Митрески, Марија Ѓорѓијовска, Мартин Лазаревски…; над дваесет професионални глумци учествувале во претставите на Боре Ангеловски: Анче Џамбазова, Славица Јовановска, Снежана Конеска-Руси, Младен Крстевски, Соња Каранџуловска, Магдалена Ризова-Маги, Андреј Бељан, Видосава Грубач, Фазли Шаќири, Вера Вучкова, Владимир Спасов, Виолета Волак, Горан Илиќ и многу други.

Боре Ангеловски ќе остане запаметен како прв македонски бекетолог – човек кој ги има поставено скоро сите драмски дела на Семјуел Бекет, плус радиодрамата Сите кои паѓаат во негова сценска адаптација и дел од монолозите и поезијата на Бекет во адаптација за претставата „Скица за театар“; ќе остане запаметен како човек кој ги има поставено за првпат на македонската театарска сцена авторите: Семјуел Бекет, Ежен Јонеско, Хајнер Милер, Едвард Олби, Питер Вајс, Џорџ Бернард Шо, Доминик Смоле, Алексеј Арбузов, Жил Лафорг, Жан-Мишел Риб, Пјер Лавил, Волфганг Борхерт, Данил Хармс, Миро Гавран, Маријан Матковиќ, Александар Вампилов, Нина Садур, Мјуриел Шизгал, Миодраг Булатовиќ, Мишел де Гелдерот, Агота Кристоф, Артур Адамов и уште многу други; ќе остане запаметен како генијален глумец, маестрален режисер, нестандарден педагог, квалитетен преведувач, иновативен сценограф и костимограф, висококомпетентен теоретичар, извонредна личност, верен пријател, прекрасен човек; ќе остане запаметен како последниот македонски театарски фанатик.

Боре Ангеловски умира од срцев удар на 14 јуни 2009 год. во родниот град Велес, само три дена по неговата последна премиера, во годината кога се слават два важни јубилеја: 35 години Театар Чекори (единствен алтернативен театар во Македонија со толкава традиција) и 50 години театарска дејност на Боре Ангеловски. Инфарктот е последица од лошата здравствена состојба (дијабетес, четири инфарктни состојби, хернија, проблеми со белите дробови), како резултат од фанатичната и безрезервна посветеност на театарот.

Награди:

-1963, за Дебелиот бродоломник во Морската шир – С. Моржек, Републичка аматерска драмска смотра – Штип.
-1964, за Дебелиот бродоломник во Морската шир – С. Моржек, Југословенски фестивал на аматерски театри – Хвар.
-1965, за режија на Чекајќи го Годо – С. Бекет, за Владимир – Диди во Чекајќи го Годо – С. Бекет, Републичка аматерска драмска смотра – Штип.
-1966, за режија на Чекајќи го Годо – С. Бекет, за Владимир – Диди во Чекајќи го Годо – С. Бекет, Југословенски фестивал на аматерски театри – Хвар.
-1967, за режија на Крајот на играта – С. Бекет, за Хам во Крајот на играта – С. Бекет, Републичка аматерска драмска смотра – Штип.
-1969, за Фратарот во монологот на фратарот – О. Давичо, препеев – Чедо Јакимовски, Републичка аматерска драмска смотра – Штип.
-1970 за Кралот Беранже во Кралот умира – Е. Јонеско, Републичка аматерска драмска смотра – Битола.
-1971, за режија на Страдањата на г – дин Мокинпот – П. Вајс, препеев – Чедо Јовановски, Републичка аматерска драмска смотра – Битола.
-1973, за Дон Жуан во пеколот – Б. Шо, Републичка аматерска драмска смотра – Струмица.
-1979, за режија на Од онаа страна на костените – Ж.М. Риб, Републичка аматерска драмска смотра – Кочани.
-1979, златна маска за режија на Од онаа страна на костените – Ж.М. Риб, Југословенски фестивал на аматерски театри – Требиње.
-1989, признание Мирко Стефановски, Културно просветна заедница на Македонија
-1990, за режија на Сите кои паѓаат – С. Бекет, Југословенски фестивал на аматерски театри – Требиње.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: На денешен ден во 2010 година почина истакнатиот македонски карикатурист Делчо Михајлов

Делчо Михајлов е роден на 27 ноември 1947 година во Скопје. Тој беше македонски карикатурист, …