Марија Мирчов-Скаловска е родена на 1 март 1929 година во Каравуково, Југославија. Таа била истакната македонска оперска и концертна пејачка.
Музичко образование завршува во Средното музичко училиште во Нови Сад, во класите на професорите Рудолф Ертл и Евгениј Маријашец, а потоа приватно се усовршува кај проф. Злата Ѓунѓенац во Белград.
Дебитира со улогата на Микаела (Кармен) во 1950 година. На сцената на Македонскиот народен театар (МНТ), доаѓа на покана, како солист на Новосадската опера (1950-1952). Таа е пејачка со високи квалитети, чија музикалност, со топла и сценска непосредност, набргу се вклопува во ансамблот како еден од неговите клучни протагонисти.
Во наредните дваесет и три години Марија Мирчов-Скаловска реализира дваесет и шест значајни партии од лирскиот и драмскиот фах. При крајот на својата кариера успешно се занимава со вокална педагогија.
Починала на 24 јануари 2006 година во Скопје.