Кирил Ристоски е роден на 14 ноември 1948 година во Прилеп. Дипломирал во учебната 1976/1977 година на отсекот за драмски глумци на Вишата музичка школа во Скопје, со просечен успех од 9, а дипломскиот труд го одбранил со оцена 10.
По дипломирањето, една година работел во Народен театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, а во 1978 година, тој се вработил во Драмата на Македонски народен театар. Во 1982 година ја започнал својата педагошка дејност како асистент по предметот глумечка игра на Факултетот за драмски уметности. Во 1988 година станал доцент и преминал од МНТ на ФДУ во редовен работен однос. Во 1993 година напредувал во вонреден професор, а во 1998 година бил избран за редовен професор, при што во 2003 година е повторно избран во истото звање.
Во два мандата бил член на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од крајот на 2009 година бил поставен за декан на ФДУ.
Кирил Ристоски остварил богата кариера во областа на театарската и филмската уметност. Во својата триесет и петгодишна глумечка дејност остварил над осумдесет улоги од светската и домашната драматургија, скоро во сите театри во Македонија, а позначајни се: Глумецот (во „Мангите пијат чај“), Марк Антониј (во „Јулиј Цезар“), Киро и Евто (во „Лет во место“), Бота (во „Среќна нова 49“), Тартиф (во „Тартиф“), Дон Кихот (во „Дон Кихот“), Спиро Црне (во „Спиро Црне“), Колобан (во „Колобан“), Просперо (во „Бура“), Иванов (во „Иванов“), Арсениј (во „Арсениј“), Спиро Црне (во „Летни Силјане“), Пичем (во „Просјачка опера“), Полковникот (во „Полковникот Птица“), Клавдиј (во „Хамлет“), Генералот (во „Четвртата сестра“), Рос (во „Која е Силвија“), Дон Кихот (во „Дон Кихот“), С.Т.Верховенски (во „Бесови“) и други.
Тој е добитник на пет награди за глумечко остварување на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, и тоа за улогите во претставите: „Манги пијат чај“ (1978), „Тартиф“ (1986), „Спиро Црне“ (1989), „Колобан“ (1992) и „Арсениј“ (1994). За улогата во Арсениј ја добил награда „Ристо Шишков“ во 1994 година. На неговото име се припишува и наградата на град Скопје „13 ноември“, наградата „Глумец на годината“, како и наградата на Собранието на град Прилеп, „3 ноември“ за животно дело. Најпосле, во текот на 10 години, Ристоски бил претседател на Собранието на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Во продолжение, Ристоски снимил над 20 тв-драми, тв-филмови и тв-серии, како и повеќе од 200 радио-драми. Богат е и неговиот филмски опус. Позначајни му се улогите во филмовите: „Пред дождот“ (во режија на Милчо Манчевски), „Црвениот коњ“, „Јазол“(во режија на Кирил Ценевски), „Тетовирање“ (во режија на Столе Попов), „Тајната книга“ и други.
По кратко боледување, Ристоски починал рано наутро на 30 јуни 2011 во Скопје.
На 27 декември 2013 година, во фоајето на Македонскиот народен театар била промовирана монографија за Кирил Ристоски, која содржи повеќе од 100 фотографии и текстови на 15 автори, посветени на опусот на Ристоски. Истовремено, тоа било првата книга од новата библиотека “Монографии” на МНТ. Приредувач на монографијата е театрологот Јелена Лужина.