Јанко Узунов-Узун е роден во Валандово на 15 февруари 1951 година. Тој беше истакнат македонски естраден уметник и пејач на народни, поп и забавни мелодии.
Узунов музичката кариера ја започнал на почетокот на седумдесеттите години на XX век со првата снимка, „Магдалена”, песна на Димитар Масевски. Во 1969 година пристигнал на студии во Скопје — Земјоделско-шумарски факултет и по завршувањето на факултетот се запишал и на Музичката академија, наставно-теоретски одел. Како агроном, Узунов работел пет-шест години.
Узунов започнал да се занимава со музика уште како дете. На деветгодишна возраст почнал да свири на мандолина, во музичката секција на училиштето. Неколку години подоцна, сестра му од Скопје му донела ученичка гитара и, оттогаш, тој се насочил кон гитарата. Учел сам, и веќе во 1966 година, во Валандово ја оформил рок групата „Златни стени“, која молскавично брзо стекнала популарност, и тоа низ цела Македонија. Групата настапувала и на тогашните актуелни гитаријади, а во 1969 година, на гитаријадата во Гевгелија, Узунов бил прогласен за најдобар гитарист и списането „Млад борец“ му доделило електрична гитара.
Узунов во текот на сета своја богата музичка кариера во македонската јавност бил доживуван како „момчето со мандолината“, според хитот што во 1976 година го испеал со Цветанка Ласкова, на Фестивалот во Опатија. Подоцна, Узунов започнал да се занимава и со новокомпонирана фолк музика, останувајќи запаметен како автор на песните „Чаки панкерот“ и „Звучна фантазија“. Во последните години од животот, Узунов бил насочен на работата на своето приватно музичко училиште „Узун“.
Узунов починал ненадејно од срцев удар во Берово, на 24 август 2014 година, каде бил со својата сопруга Жаклина на одмор.