Издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, во соработка со „МА Продукција“ од Прилеп и „Култура Бета“ од Скопје, денес, во Прилеп ќе го реализира седмото издание на проектот „Добри гости“, преку кој иницира серија книжевни гостувања на автори од Скопје во внатрешноста на земјата на заеднички читања со локални автори, а во соработка со локални чинители.
Настанот ќе се одржи во кафе-галерија „Лувр“ во Прилеп, со почеток од 12:30 часот, и поддржан е од Општина Прилеп.
На седмото издание на „Добри гости“ во Прилеп ќе учествуват: Нина Насеска, Славчо Ковилоски, Андреј Ал-Асади, Никола Дукоски, Игор Трпчески, Звонко Димоски, Оливера Андоноска, Марија Ангеловска, Андреј Медиќ Лазаревски, Филип Димкоски, Петар Петрески, Викторија Ангеловска, Габриела Стојаноска-Станоеска, Сузана Ѓеорѓиевска, Лина Димоска, Елена Јандреовски, Андријана Дукоска, Ели Луческа и Јулијана Величковска.
Настанот ќе започне со промоција на стихозбирката „Рајсфершлус“ од Јулијана Величковска. Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, а потем ќе следува и книжевното читање на кое ќе настапат сите учесници.
Серијата „Добри гости“ се состои од читање поезија и проза, емитување поетски и други краткометражни филмови поврзани со литературата, разговори со автори, со издавачи, разни трибини, книжевни промоции, работилници и слично.
Проектот досега се одржа во Штип, во Тетово, во Струмица, во Демир Хисар, во Куманово и во Охрид, а планирани се гостувања во уште градови низ земјата.