Самостојна изложба на Јасмина Главинче

Животниот циклус на човекот е процес на постојана синергија и трансформација, и иако чистината е во неговата праисконска креација, тој заборава дека неговата „величина“ е токму во едноставноста и тој е кокреатор на „товарот“ кој му го задава на сопственото постоење. Заборава да дише, да плаче, да ги пружи рацете кон другиот, да чувствува: иако тие се првите дејствија, првиот контакт уште од моментот на излегувањето од темнината на мајчината утроба.

Трагајќи по спокој се наоѓа себе во постојан грч, живее во минатото или се плаши од иднината, незнаејќи дека најважни се самосвесноста и присутноста во она што му се случува во овој миг, во вербата и согледувањето дека постојано се менува, во можноста да креира нова реалност и да излезе вон рамките на она што сам го дефинира како апсолутна вистина.


Водена од прашањата: Дали и како личната трансформација може да влијае врз будење и на колективното несвесно? Дали уметноста и уметничките процеси на креација може да ги употреби како алатка за колективно поврзување и делување, взаемна соработка која би претставувала основа за подобрување на условите и во поширока микро-општествена рамка?, авторката преку „будно“ себенабљудување и петмесечна мисловна, психолошка и творечка експлорација ги истражува процесите на лична трансформација. Нурнува подлабоко во својата потсвест и соочувајќи се со своите лични ставови и стравови свесно се труди да (си) ги измени вкоренетите наративи, мисловни текови, шеми на однесување, да се соочи и да ја прифати својата ранливост.

Во процесот на оваа петмесечна саморазгледувачка одисеја беа вклучени седум учесници кои преку споделување на своите спомен-предмети и лични искуства, а со тоа истражувајќи ја сопствената внатрешна динамика преку взаемна почит и соработка, заедно свесно стравовите и личната ранливост, ги заменуваа со нови освежувачки погледи и ги будеа своите сопствени потенцијали.


Преку физичка преобразба, спомен-предметите (меморабилии) од своевидни психолошки тотеми добија условен уметнички лик и станаа симболи на процесите и поимите на лична трансформација.

Јасмина Главинче (Охрид, 1981) во 2005 година дипломира на катедрата за Историја на уметност и археологија, а во 2019 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности – отсек вајарство со насока графички дизајн во класата на професорот Ибрахим Беди. Нејзиното творештво е искрено проширување на мислите и чувствата, материјализација на сопствената, потентна креативна енергија. Круцијални теми во нејзините истражувања се: психологијата на човекот, односот човек-природа т.е. социо-еколошкиот аспект кој според неа е срцевина на позитивни промени на индивидуално и општествено ниво; своевидна реинвенција на нашата соработка со природата. Во создавањето на своите дела свесно „позајмува“ најразлични материјали создадени од природата, за која смета дека е архетип на мајка, парадигма на животот и уметноста. Репрезентирајќи ги преку сопствената уметност, таа се труди да го возобнови чувството на нашата поврзаност со нив, да потсети и да ја приближи грандиозноста на природните феномени до човекот. Во својата уметничка пракса често „реинкарнира“ материјали и предмети изработени од човекот кои ја изгубиле својата примарна функција.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Промоција на романот „Победникот беше таа“ од Викторија Костадиновска

Вечерва во Збор Книжарница-кафе во Скопје, со почеток во 19:00 часот, ќе биде промовиран првиот …