РОМАН СИМОВИЌ: Голема чест е што преку музика ќе им помогнеме на семејствата од Кочани


Светски познатиот виолинист Роман Симовиќ, концерт-мајстор на Лондонскиот симфониски оркестар, утревечер ќе настапи заедно со младите музичари од оркестарот на Институтот „Фејмс“ на хуманитарен концерт, чиј приход е наменет за семејствата настрадани во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

На денешната прес-конференција што се одржа во просториите на „Фејмс“ институтот, Симовиќ изрази огромна почит кон студентите со кои ќе настапи, како и кон самата институција.


– „Кога влегов овде, имав чувство дека сум влегол во Европската Унија. Организацијата е совршена, пробите почнуваат и завршуваат точно на време, а младите музичари ме воодушевија со својата посветеност. Свириме исклучително тешка програма, а јас ќе бидам и солист и диригент. Ќе ги водам преку слушање и внатрешно разбирање на музиката, што е голем предизвик за сите нас. Чест ми е што преку овој концерт, посветен на жртвите од пожарот, ќе придонесеме барем малку да донесеме утеха на нивните семејства“, изјави Симовиќ.

Настанот е организиран од институтот „Фејмс“, кој веќе неколку години е синоним за врвна едукација и продукција на филмска музика на европско ниво.


– „Почнавме со визија да создадеме простор каде што ќе се спојат креативноста, образованието и глобалната музичка индустрија. Денес сме горди што студенти од 27 земји доаѓаат во Скопје да учат, да создаваат и да се поврзуваат“, истакна Од Насју Мапа, основачка и извршен директор на „Фејмс“. Таа додаде дека успехот на институтот е резултат на посветената работа и поддршката од европските фондови.

Уметничкиот директор на „Фејмс“, Маја Чаначевиќ, ја потенцираше исклучителноста на утрешната концертна програма: „Ова е навистина голема прилика за нашите млади музичари да ја споделат сцената со еден од најдобрите виолинисти денес. Ги повикувам сите љубители на класичната музика да дојдат и да поддржат една прекрасна музичка и хуманитарна приказна.“


Хуманитарниот концерт ќе се одржи на 29 април од 20 часот во малата сала на Македонската филхармонија. На програмата се делото за виолина и оркестар и Симфонија бр. 7 од Лудвиг ван Бетовен.

Целокупниот приход од билетите ќе биде дониран на Црвениот крст, во фондот за помош на семејствата настрадани во пожарот.

 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ВИДЕО) Одбележале децении – Евровизискиот натпревар се ближи, а еуфоријата никогаш не е помала: Се сеќавате ли на најголемите хитови што ја освоија Европа?

Почнувајќи со хитот „My Number One“ преку изведувачи како Сакис Рувас или Руслана – Евровизискиот …