RISE Journey III: Повик за млади со идеи за социјални и зелени бизниси

(ЗАПАДЕН БАЛКАН)- Проектот RISE официјално го отвори третиот повик за поддршка на млади претприемачи од регионот на Западен Балкан за развој на идеи за социјални претпријатија. RISE програмата нуди едукативна и финансиска поддршка која им помага на младите да ги трансформираат идеите во бизниси кои им помагаат на заедниците и ја заштитуваат животната средина. АРНО ги повикува македонските млади да формираат тимови и да аплицираат на повикот преку пополнување на формуларот до 31-ви октомври.

Учесниците кои ќе бидат избрани во идеациската фаза ќе имат можност да учат од искусни ментори и експерти за зелено буџетирање, видови набизнис модели (покрај класичното продај-купи), како да го откријат својот brand’s spirit animal, ефективни и креативни комуникации со јавноста и слично. Победничките тимови од првата фаза ќе  добијат и финансиска поддршка (без обврска да регистираат ново правно лице, иако би биле силно охрабрени за таков чекор), и дополнително, на победниците ќе им следуваи мини грант за регионална мобилност со кој ќе бидат во можност да посетат друга идеја/институција од регионот корисна за нивниот развој.


„Во Европската Унија се зголемуваат фондовите за социјалните претпријатија, и одлично е што и кај нас ќе се носи закон за социјално претприемништво и оваа тема ќе биде се повисоко на агендата. АРНО ги охрабрува младите, но и колегите од здруженијата, медиумите, општините, приватниот сектор да се вклучат во програмите во било каков формат, особено кога светот го „тресат“ енергетски, безбедносни и економски кризи. Ние преку друг натпревар во АРНО видовме како млади од соседна Грција уште пред 7 години формираа енергетски задруги и зајакнаа цели села благодарение на социјален бизнис. Сведочиме за успеси и на наши млади и очекуваме тие и сега да покажат иновативност, оптимизам и амбиција.“ изјави Марјан Ицоски, координатор на проектот во АРНО.

Во првите две изданија на RISE на регионално ниво поддржани се вкупно 274 млади и 88 идеи од Западниот Балкан, од кои денес дел прераснаа во функционални социјални бизниси, освоија и други регионални награди, грантови и го привлекоа вниманието на донаторите и медиумите.
Преку оваа програма млади луѓе од регионот основаа социјални бизниси кои преку изработка на облека и модни додатоци интегрираат жени-бегалки во Србија (Women on the way), овозможија планинарски тури за промоција на локален алтернативен туризам и поддршка на локалното население во Валона, Албанија (Reality Escapers), воведоа нов концепт на градинка на отворено за прв пат во Македонија (во Штип) (Камп) и многу други успешни приказни.


Поради успехот и препознаениот потенцијал на социјалната економија за развој на регионот,  проектот RISE покрај изминатите 3, ќе работи со младите и во наредните 3 години преку јакнење на нивните капацитети и вмрежување на сите чинители.Проектот RISE е предводен од конзорциум составен од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), ГРУПА СОС Пулс (SOS Pulse Group), Мрежа за млади на Југоисточна Европа (SEEYN), и Француско-германската канцеларија за млади (ОFAJ), а имплементиран од шест локални инкубатори – АРНО (Македонија), Балканска Зелена Фондација (Косово)*, Нешто више (Босна и Херцеговина), Смарт Колектив (Србија), ИЕЦ Технополис (Црна Гора) и Социјален Бизнис ЈУНУС (Албанија). Проектот RISE е ко-финансиран од Француската агенција за развој (АFD), Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Еразмус + програмата на Европската Унија. 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Годишен концерт на Културно уметничкото друштво Таше Милошевски

Во Спортската сала во Ресен, вечерва, со почеток во 19:00 часот ќе може да уживате …