(Ре)откружено“ – изложба на дела од визуелните уметници Марина Цветановска Мартиновска, Александар Симоновиќ, Мирослава Цветковиќ и Марија Мицова Гацова

Вечерва, во Градскиот музеј во Крива Паланка, со почеток во 19:00 часот, ќе биде отворена  изложба на дела од визуелните уметници Марина Цветановска Мартиновска, Александар Симоновиќ, Мирослава Цветковиќ и Марија Мицова Гацова, насловена (Ре)откружено“.

(Ре)откружено“ е третиот заеднички ликовен циклус на визуелните уметници Марина Цветановска Мартиновска, Александар Симоновиќ, Мирослава Цветковиќ и Марија Мицова Гацова. Авторите, во оваа изложба, своите размисли и идеи за поимот на „откруженото“ и „реоткруженото“, ги транспонираат во самостојни и групни ликовни композиции, каде кругот е доминантната, носечка и едниствена изразна форма.


Проектот започна во 2022 година (со изложбата „О(т)кружено“ во НУ Музеј – Куманово), а во 2023 (со изложбата „(Ре)откружено“ во НУ Завод и Музеј-Битола), веќе го видовме во една развојна фаза, за да сега, во 2024 година е апдејтиран со вклучување на уште еден автор, со што поставката во ЛУ Градски Музеј Крива Паланка е збогатена со нови ликовни солуции и решенија. Вклучувањето на Марија Мицова Гацова во оваа изложба, само го потврдува главниот концепт на овој проект, а тоа е обединувањето, „вкружувањето“, можноста за вмрежување на нови автори со иста или слична фреквенција, како еден вид метафора која говори за „продолжување на низата“, непрекинливоста, бесконечноста. Овие поими се инкорпорирани во симболиката на кругот, бидејќи како што вечноста нема почеток и крај, така нема ни кругот. Кругот е сеприсатен, тој е насекаде околу нас и неговата симболика е вткаена во денешната реалност. Тој е небо, сонце и месечина, ден и ноќ, живот и смрт. Кругот е симбол на циклусот на животот, вечноста и вселената. Тој е совршена геометриска форма, па затоа и Леонардо да Винчи, својот Витрувиев човек, односно идеалните човекови пропорции, ги става токму во кругот. Низ историјата на уметноста, многу уметници неговата симболика ја користат во своите дела: Кандински, Анри Матис и др.

Во актуелната изложба, Марина, Александар, Мирослава и Марија, понудија различен пристап во ликовното изразување и кругот како единствена творечка форма, го разрешија на четири различни начини. Марина Цветановска Мартиновска која е препознатлива по концептуалниот творечки модус, во делото „Нарцисоиден ритам“ ја истакнува играта на линијата, прикажана со помош на огледален (алуминиумски) конец на хартија. Авторката интервенира со шиење и везење и создава кружна композиција од хоризонтални испрекинати линии, кои визуелно асоцираат на одблесоци од вода, но укажуваат и на нејзината огледалност. Овие карактеристики во потполност го оправдуваат насловот на делото. Александар Симоновиќ, на зададената тема одговори во манир препознатлив на неговото досегашно творештво кое се врзува за знаковност и симболичност на формата и употребата на текстури од природни материјали. Делото „Цело“, изработено од импрегнирана хартија со релјефни апликации на несликарски материјали е конципирано во рамки на јасна и едноставна кружница, која во себе имплементира содржини поврзани со интимните, лични, семејни доживувања на авторот. Мирослава Цветковиќ во делото „Копнеж кон вечното“, графика изработена во техниката сув печат, преку апстрактно-асоцијативна содржина, налик на отисок, се потпира на идејата дека човекот треба да остави барем една мала трага од себе си во вечноста, транспонирана преку кругот како симбол на непрекинатата цикличност на постоењето, на времето, на вселената. Марија Мицова Гацова за реализација на ликовната идеја се потпира на нејзиниот досегашен концепт, базиран на идејата за постоење на еден вид мемориска матрица, мемориски код, духовна врска со своите предци, која како отисок, повторувачко искуство и традиција во вид на информација се пренесува на идните генерации. Во делото „Memoria circularis“, физичките носители на меморијата се точките од црн маркер (на хартија), кои организирани во кружница стануваат трансфери, преносители. Овој пат тие не се линеарни, туку цело време систематизирани во кружна меморија, циркулираат и имаат влијание. Целата композиција наликува на дигитален печат, шифра, знак, кој доколку се скенира ќе ги прикаже складираните податоци – Драгана Спасковска, историчар на уметноста.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

„Кино утро“ за најмладите во Кинотека

Кинотека ја почнува новата година со богата и разновидна програма за љубителите на филмската уметност. …