Промоцијата на романот „Ветрилиште“ од Игор Анѓелков


На 17 декември (вторник), во 19:00 часот во ДПМ ќе се одржи промоцијата на романот „Ветрилиште“ од Игор Анѓелков. Промоторка ќе биде писателката, уредничка и книжевна критичарка Оливера Ќорвезироска.

„Ветрилиште е именка, којашто лесно го упатува говорителот на македонскиот јазик на една друга, почеста и повообичаена именка-синоним: ветрометина/ветромет. Наставката -иште (во ветрилиште), која заедно со наставката -ина (во ветрометина) е сигнал за аугментатив и помага во брзото препознавање на именката употребена во несекојдневна форма – ветрилиште. Во коренот на ветрилиште (и на ветрометина) е ветрот. Впрочем, како и во ветрило (и во многу други зборови). Но ветрило е првенствено предмет (ладало, едро… нешто што функционира со помош на ветрот); а ветрилиште/ветрометина е место, локација изложена на ветар (провев) од сите страни. Во првиот случај ветрот помага, во вториот – отежнува. Ветрилата сакаат ветар, оние што се изложени на ветрилиште/ветрометина – сакаат да побегнат оттаму, од „ветрот“. Фигуративно, со преносно значење, ветрилиште/ветрометина се места изложени на многу опасности. Е токму такво е „Ветрилиште“ како збор-наслов на најновиот роман на Анѓелков: изложеност на приказната, на нарацијата, ако сакате и на животот на главниот лик Борис/Писателот (па и на авторот!)… на многу опасности. Или предизвици“.


Игор Анѓелков, објавени дела: „Кротки приказни“ (раскази, 2006), „Крај-пат“ (роман, 2010), „Фото синтеза“ (роман, 2013), „Филм.мкд“ (филмска есеистика, 2015), „Филмски град“ (филмска есеистика, 2018), „Шрапнел“ (роман, 2020), „Филмотопија“ (филмска есеистика, 2022), „Двојна експозиција“ (раскази, 2022), „Мина“ (роман, 2023).

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ВИДЕО+ФОТО) Елеганција во црно: Кејт Мидлтон од глава до пети во една боја со посебен детаљ на реверот

Принцезата од Велс Кејт Мидлтон за прв пат присуствувала на одбележувањето на Денот на примирјето, …