Повелете на промоцијата на првото прозно дело на нашата авторка Даница И. Лепојевиќ, збирката раскази „Една ноќ друга“, со поднаслов „Исечоци катадневна магија“. Промоцијата ќе се одржи во Тарантино Паб во Велес, утре, со почеток во 19:30 часот.
Промотори на збирката ќе бидат писателот Анде Јанков и поетесата проф. Соња Карбева.
Авторката и преведувачка Ирена Јурчева за нив ќе каже: „Во овие раскази преовладува меѓупросторот, оној пресек на јавето и сонот. Атмосферата е често онирична, и во неа се претопуваат фантастичното и секојдневното. Во расказите, стихијата на водата е очигледната нишка што ги поврзува мотивите плодноста, креативноста, емотивната благосостојба, обновувањето, прочистувањето, движењето, промената, флуидноста, растот и трансформацијата. Како животодавна, но и животограбна стихија, со мајчински, но и одмазднички карактер“.
Професорката и проучувачка на книжевноста Мерсиха Исмајлоска, за зборовите во оваа книга вели дека тие „се диктирани од љубовта, а процепите до неа се автентични за ова писмо, женско, но не само такво, писмо на човек што споделува драгоцено искуство, за оностраното, превртувајќи ги нештата од внатре – надвор.“
Самата авторка, во својот предговор за женската протагонистка на оваа збирка кажува дека „таа минува низ различни возрасни фази додека напредува на своето патување и, притоа, не ги мине по вообичаениот линеарен временски тек. Таа патува напред и назад низ своето лично време, отелотворувајќи различни фази од своето лично просторно-временско бивствување, но не во согласност со нормалниот тек на биолошкото зреење. Туку во согласност со просторите, а со тоа и ситуациите, односно личниот наратив, кој треба да биде посетен за да ѝ донесе назад најголем дел од неа самата… да ѝ ослободи што поголем дел од енергијата на душата, заробен, припоен кон еден личносно-духовен конгломерат изграден низ прифаќање норми, правила, очекувања, стандарди несвојствени за таа душа… низ каприци, желби, соништа, наредби неприродни за неа, но прифатени од немајкаде, од незнаење, од страв, од несигурност, од желба за незаостанување зад другите, за кои и не беше многу сигурна дека сака да ги следи.“
Ова е прва соработка на Даница со илустраторката Александра Иванова која ги создаде магичните цртежи низ расказите. И втора со фотографката Ана Трајановска Срока која ја направи фотката за кориците и на оваа книга на Даница.