Денес, во Сули Ан, со почеток во 18:00 часот, ќе се одржи промоцијата на уште една прекрасна приказна за деца од предучилишна и раноучилишна возраст. „Црното маче“ е уште една приказна која е дел од новосоздадената едиција „Буба Мара“. Приказна за самодовербата, дуалноста на работите кои се прикажани метафорично со црното маче и белата срна. Белата срна како алегорија на добрината, му го покажува патот на црното маче до своето срце. Го учи за важноста на добрината, чистата мисла, благодарноста и убавината на животот. А оттука излегува дека не е важно каква боја е мачето, туку поважно е да го славиме животот и љубовта и само така можеме да бидеме среќни. Авторката Неше Рамовиќ која ни е позната од книгичките „Ежето Снеже“, „Мачето Марко и кучето Дарко“, „Магичното писмо“ и други, повторно мудро ја вметнува темата за себеприфаќањето и за тоа дека сме си доволни такви какви што сме, за почитување на различностите и дека секој е убав на свој начин односно секоја боја е посебна и убава и потребна како таква.
Промоцијата е дел од програмата на детскиот фестивал Литера. Промотор на книгата е Сребра Ѓорѓијевска.
Во својата рецензија Проф. Др Весна Мојсова-Чепишевска истакнува:
-„Црното маче“ на Неше Рамовиќ носи едно далечно ехо на познатите песнички кои одѕвонуваат во „Едно маче / седнало на каче …“ или „Мори мацо, каракацо / кај си била …“. Авторката ја постигнува игривоста многу ефективно преку кратките семантички, но и звучни стихови. Римата е суптилно присутна. Вака организираната приказна за црното маче, кое стравува дека ќе биде несакано само зашто е црно, е истовремено и лесна за паметење и лесна за учење наиузуст. Приказната за црно – белиот свет е приказна за стереотипот дека црното носи ознака на лошо, злобно, кобно, а белото секогаш е добро, светло, радосно. Поучноста е ненаметлива и игрива, а доаѓа од устата на белата срна. Ова е показ дека и некој друг, што не е од твојот род, може вистински да те посоветува и да ти открие дека белината не доаѓа од бојата на крзното (кожата), туку од бојата на душата, од светлоста на мислата. Така срнчето му кажува на мачето! Ако се тргне од сознанието дека книгите треба да се користат за да им се помогне на децата да ги изградат своите идентитети, како и дека книгите треба да ги поттикнуваат децата во прифаќањето на разликите и одбивањето на сите форми на дискриминација, тогаш оваа стихувана приказна е развиена токму во тој правец.“
Илустратор на оваа преубава приказна е Наталиа Лукомска, реномирана илустраторка која навистина донесе магија меѓу кориците. Со леснотија во изразот, симплифицирани форми, поетично доловени емоции и хармоничен колорит, таа ни даде другарче кое засекогаш ќе не учи за убавината.