Промоција на сликовницата „Атолото“ од Сања Михајловиќ Костадиновска со илустрации на Андреј Марјановиќ

Атолото живее само во топлите краишта. Некои тврдат дека го виделе и на Северниот пол, но тоа се лажги со опашки.

Во саботата на 11 мај 2024 година, во кафе-книжарница „Илика” во Скопје, се одржа промоција на сликовницата „Атолото” од Сања Михајловиќ Костадиновска со илустрации на Андреј Марјановиќ. Сликовницата ја промовираа Маја Раванска и Иван Шопов, а настанот го модерираше Искра Димковска.


„Атолото” од Сања Михајловиќ Костадиновска и Андреј Марјановиќ во издание на издавачката куќа „Сказнувалка” е илустрирана збирка од осум приказни, од кои секоја носи наслов во вид на погрешно изговорен збор од дете кое сѐ уште не научило правилно да зборува. Овие зборови (атолото, чоче, бица, бумбички…) функционираат како своевеидни магиски формули, но во обратна насока. Обично детето е она кое останува зачудено пред таинствените и неразбирливи зборови, но во „Атолото” таа привилегија ја имаат возрасните. Според промоторот, писателот Иван Шопов:

„Навидум едноставните приказни отвораат сериозни прашања пред читателот. Ако загребете под површината на симпатичните, забавни приказни, ќе ги пронајдете прашањата: за што служи јазикот? Колку јазици постојат во рамки на мајчиниот јазик? Каде исчезнува или се складира, можеби и сокрива јазикот на детството кога ќе пораснеме? Која е неговата функција и моќ? Опасно ли е да се посегне по него по многу години?


Верувам дека ова е и бунтовничка книга, книга за правото на понекогаш бељаџиското дете да има свој, посебен јазик (создаден можеби полуслучајно и полунесвесно), за правото преку тој свој јазик да се брани сопствената детска гледна точка, а на крајот на краиштата, да се создаде и свој, посебен свет, отаде границите на јазикот.”

„Ја замолив ќерка ми да ги разгледа само цртежите во книгата, без да чита и да ми каже за што станува збор во неа. Интересно беше дека успеа да разбере, горе долу, и дури ми раскажа неколку свои приказни, според тоа што го видела. Почна и да ги црта самата омилените случки од книгите. И на тој начин можеме да поттикнеме интерес за книги кај децата.


Со игривоста во илустрациите, Андреј успева “да влезе” во детското кај нас и да нѐ поттикне на смеа, игра, да нѐ врати кон безгрижност, кон поимањето на светот низ очите на децата, кон недоразбирањата, кои не завршувааат со нашето растење, но, така растеме…” рече промоторката, Маја Раванска.

Сања Михајловиќ е доктор по книжевни студии, на Универзитетот „Комплутенсе” во Мадрид со одбранета теза под наслов „Градот Мадрид како плурален простор. Од провинцијалецот до имигрантот: нарации на другиот” и е доцент по шпанска книжевност на Катедрата за романски јазици и книжевности, Филолошки факултет „Блаже Конески” – Скопје. Авторка е на „(Бес)конечни модели на расказот” (Бегемот), „Непреводливиот расказ” во Да сум на твое место, мала тематска антологија на книжевни автори и авторки ( Булевар Ослободување), „Во кратки црти” (Бегемот), „Глуварче” Приказни летаат (Темплум), како и на сликовницата „Сонувалко” (Бегемот).

Андреј Марјановиќ е дипломиран ликовен уметник на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на отсекот графика и графички дизајн, а потоа на ИТ Академијата „Александрија” завршил студии по веб дизајн. Има остварено самостојна изложба во Графичкото студио при Музејот на град Скопје („Повторувања/Recurrences” 2007), a учествувал и на повеќе групни изложби кај нас и во странство. Се занимава со графика, сликарство, скулптура, инсталација, стрип, графити, фотографија, анимација, видео, електронска музика и мултимедијални проекти. Изработил анимирани и видео спотови за повеќе македонски музичари како: Undone, Т.Б. Трачери, Флукс, Весна Станојевска-Микиќ, како и експериментални арт-видеа. А, сликовницата „Атолото” му е прва сликовница.

П.С. Сите измислени зборови во книгата се вистински!

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Хороскоп за утре за сите хороскопски знаци: Прочитајте што нè советуваат ѕвездите за утре, 17.06.2024 година, во врска со работата, љубовта и здравјето

Овен Работа: Солиден работен ден ги очекува родените во знакот Овен за да ги завршат …