Промоција на романот „Ќе се видиме ли, пак!?“ од Зоран Радически


Денес, од 20:00 часот во кафе-книжарница „Буква“, ќе биде промовиран романот „Ќе се видиме ли, пак!?“ од Зоран Радически.

Промотор: Дарко Лешоски
Модератор: Јулијана Величковска


‒ Во романот „Ќе се видиме ли, пак!?“ Зоран Радически на забавен начин раскажува за предизвиците на поединецот кој е изместен од својот досегашен животен контекст и простор. Среде хаосот на големиот град, еден сосема обичен човек се обидува да „плива“ и, од малите, искршени фрагменти на стварноста, да го обликува и преосмисли својот идентитет. Неговата емигрантска приказна не е натопена во блуз и патетика. Низ дисторзија од јазични игри и свесно кршење на стандардот, пред читателот, калеидоскопски, со голема брзина, се прикажуваат цела низа бизарни, необични случки, ексцентрични ликови, а атмосферата понекогаш е фантазмагорична и на граница на реалното. Во својот „расказнет роман“, иако дебитантски, авторот умешно се справува со предизвиците што ги носи пишувањето на оваа форма и вешто ги користи можностите на жанрот ‒ Иван Шопов.

Зоран Радически е книжевен преведувач, поет, лингвист и полиглот. Роден е во 1985 година во Скопје. Дипломирал и магистрирал на Катедрата за превод и толкување и на Катедрата за јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Зоран, главно, преведува поезија и кратка проза од: германски, англиски, африкаанс, холандски; а во зависност од потребите, исто така и од: шпански, француски, италијански, руски и други јужнословенски јазици на македонски јазик и обратно. Има преведено повеќе збирки и песни од различни домашни и странски поети. Зоран пишува хаику, класична поезија и проза. Учествувал како поет на повеќе книжевни фестивали и застапен е во неколку антологии. Досега има објавено една хаику збирка на македонски јазик „Сенките во сонот“. Бил ангажиран како преведувач и толкувач на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ и во рамките на платформата за млади европски поети „Версополис“.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

На денешен ден во 1987, Шер го објави хитот што го означи нејзиниот голем камбек – „I Found Someone“

На 19 ноември 1987 година, легендарната американска пејачка Шер го објавува синглот „I Found Someone“, …