Промоција на романот „Јод“ од Снежана Младеновска Анѓелков


Денес, со почеток во 19:00 часот во кафе-книжарницата „Буква“, ќе биде промовиран романот „Јод“ од Снежана Младеновска Анѓелков.

Авторката и Марија Стефанова (психолог, психотерапевт) низ разговор ќе ја претстават содржината на овој кус, но силен роман објавен кон крајот на минатата, 2024 година.


Романот што започнува како потрага по личните приказни на сезонските работници во Сплит, Република Хрватска, неочекувано го менува правецот во вивисекција на човештвото и соочување со болката од исчезнатите морални вредности. Во ослабена физичка, и дискутабилна ментална состојба, протагонистката низ едно деноноќие се соочува со неморалното и срамно однесување на поединците за кои вели дека се производ на разнишаните општествени столбови и се директна закана за опстанокот на човекот како разумно суштество. Романот е критика на современото општество, а истовремено и моќен глас во копнежот по чесност, вистинољубивост и праведност.

Снежана Младеновска Анѓелков (Скопје, 1977) дипломирала на ФДУ на отсекот за филмска и ТВ монтажа во 2000 година, а со звањето Магистер по уметности – област филмска и ТВ монтажа се стекнува во 2012 година. Нејзиниот прв роман „Единаесет жени“ (2011, „Или-Или“) ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ и истиот потоа доживеа уште четири изданија. Вториот роман „Молчи со отворена уста“ (2019) беше финалист за истата награда. Во 2022 година ја објави и „Луѓето, а не градот“, книга посветена на Скопје кое веќе го нема. Во 2014 година ја издаде и филмско-есеистичката книга „Слики со животна уверливост“. Застапена е во тематските збирки раскази „Тивка анестезија“ (2016, Антолог) и „Скопски раскази“ (2023, Темплум), во антологиите „Best European Fiction 2017“ и „Contemporary Macedonian Fiction“ (2019) на Dalkey Archive Press, како и во хрватското списание за литература „Artikulacije“ (2023) и „Michigan Quarterly Review“ (Fall 2024) објавено од Универзитетот во Мичиген, САД.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ВИДЕО) Одбележале децении – Евровизискиот натпревар се ближи, а еуфоријата никогаш не е помала: Се сеќавате ли на најголемите хитови што ја освоија Европа?

Почнувајќи со хитот „My Number One“ преку изведувачи како Сакис Рувас или Руслана – Евровизискиот …