На 15 април 2024 година, од 19:30 часот, во Јавна соба, ќе се одржи промоција на новата книга на Румена Бужаровска, збирката есеи „Господ, па Америка“.
Загатливо, како што и звучи, целиот настан ќе нè доближи до суштината на овие есеи што се своевидно разголување на ставовите, чувствата, спомените и размислувањата на авторката, а во тоа ќе ни помогне Ивор Мицковски, кој ќе биде во улога на промотор.
Имате целосно право да бидете нетрпеливи да навлезете во книгата со која ќе се чувствувате како да сте пред филмско платно. „Го поминав истиот пат како авторката на патописите и не ми беше толку интересно како што ми беше читањето на оваа книга“, вели Срѓан Драгојевиќ. „Или сум јас глуп, или книгата е многу добра“.