Промоција на „Мали диви детективи“ – интерактивна сликовница од Сања Арсова и Маја Андоновска

Денес со почеток во 18:00 часот во Лабораториум во Скопје, ќе се одржи промоцијата на „Мали диви детективи“ – интерактивна сликовница од Сања Арсова и илустраторката Маја Андоновска.

Промотор: Ана Голејшка Џикова


„Мали диви детективи“ е книга наменета за млади читатели кои се во потрага по авантура и мистерии во својот литературен свет. Оваа приказна е напишана со цел не само да забавува, туку и да ги едуцира младите умови, преку истражување интересни случаи и решавање на големи мистерии. Главните ликови во оваа приказна се Миа и Томи, двајца контрастни пријатели и нивното верно куче другар Ралф, предан и верен, важен дел од детективската екипа. Миа е брза, возбудлива и понекогаш лута по природа, но со нејзината живост и решителност таа ги води читателите низ забавни авантури. Наспроти нејзината брзина и енергија, го имаме Томи, чија смиреност и мудрост често се потребни за смирување на ситуацијата и наоѓање на решение. Нивните различни карактери им овозможуваат на младите читатели да се идентификуваат со нив и да учат важни животни способности како тимска работа и решавање на проблеми.

Она што ја прави оваа книга особено интересна е тоа што читателите имаат активна улога во решавањето на мистериите. Тие треба да бидат проникливи, да се вклучат и да размислуваат како би им помогнале на Миа и Томи да го решат случајот за украдениот папагал. Ова ги поттикнува читателите да ја развиваат својата креативност и логичко размислување. Детективската литература има непроценливо значење за развојот на децата. Таа не само што ги забавува, туку и ги поттикнува да размислуваат, анализираат и решаваат проблеми. Преку приказните за детективите, децата учат да бидат аналитични, да применуваат логика и да размислуваат за последиците на одлуките. Ова ги поттикнува на креативно и критичко размислување, што им помага во секојдневниот живот и во решавањето на нивните предизвици.


Авторката Сања Арсова е човек што никогаш не го напушти детскиот свет. А и не ни сака! Една од ретките што ужива во својата животна улога како професор по англиски јазик. Секојдневната дружба со нејзините ученици и е бесконечна инспирација и влез до универзумот на детската фантазија. Долгогодишен борец за поубаво детство и иднина на најмалите. Вегетаријанец пред ручек (освен ако бурекот не е со месо) и љубител на сите живи суштества со не повеќе од 4 нозе. Обожава лубеници, мирис на кафе и квалитетно поминато време со најмилите.

Маја Андоновска е илустратор, концепт артист и се’ друго за кое треба цртање. Секогаш расположена да научи некој интересен факт, да прочита некоја книга, да се насмее со добра серија и сето тоа да се сподели и дискутира со пријателите. Пробува да биде поблиску со природата бидејќи верува дека треба да се одржува баланс помеѓу умот и телото па затоа не одбива прошетки низ зеленило. Љубител на сите живини, особено нашите најдобри другарчиња – кучињата. Склоп на спонтани мисли, креативни идеи и бесконечни филозофии.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Презентација на Балканскиот анархистички саем на книгата во СЦ Дуња

Денес од 19:30 часот, во СЦ Дуња ќе биде презентиран Балканскиот анархистички саем на книгата …