Промоција на краткиот анимиран филм „Лисичката плетачка“

Во среда на 6 декември 2023 година, во Музеј на град Скопје во 18:30 часот, ќе се одржи промоцијата на краткиот анимиран филм „Лисичката плетачка“.

Добрина, љубов, пријателство, емпатија, солидарност – карактеристики кон кои се стремиме како луѓе, на кои ги учиме нашите деца, ни беа најважни во периодот на корона изолацијата. Во овој период се родија многу ремек дела. Инспирирани и потсетени за вредностите во животот, се втурнавме кон создавање и љубење преку создавање уметност. Токму во тој период се родија овие две прекрасни песнички, токму во тој период се реализираа во сликовници, а шансата да го прославиме нивното раѓање, ја добивме сега.


Покрај промоцијата на краткиот анимиран филм за деца „Лисичката плетачка“, воедно ќе  бидат промовирани и двете ремек дела на авторката Ана Голејшка Џикова и илустраторката Иванка НиБа – „Лисичката плетачка“ и „Лепчето што расте“. Заедно со илустраторката Иванка НиБа создадоа безвременски дела со кои ќе растат многу идни генерации.

Промотори: Ана Јовковска, Владимир Лукаш, учесници во промоцијата: Ана Јовковска , Иванка НиБа, Ана Голејшка Џикова, Владимир Лукаш.


Илустрацијата е еден многу важен сегмент во сликовниците за деца. За децата што не знаат да читаат е клучен. Илустрацијата е во симбиоза со текстот, го опишува, но и го надополнува. Го следи, воедно и инспирира. Визуелната комуникација со децата што сѐ уште не знаат да читаат е дидактичка, линијата и формата се топли, боите нежни, но дефинирани. Целокупниот впечаток е нов магичен свет во кој се внесуваме и затоа и толку успех доживејаа овие две сликовнички.

Анимираниот филм, размрданата и распеана Лисичка, најмилната лисичка што некогаш била опишана во светот на книгите, ќе ја видиме екранизирана во Музеј на град Скопје, а за оние што нема да можат да дојдат, видеото промотивно ќе биде пуштено на Youtube каналот на Едиција Светулка.


Ана Голејшка Џикова за своите приказни:
„Сликовниците што ги имам напишано,„Лисичката плетачка“ и „Лепчето што расте“ се всушност омаж и гушкање на карактерите на мајка ми и татко ми. Преплетената грижа преку храна и топлина, се нивниот животен декор.
„Лисичката“ е Лејди Зага неприкосновено, затоа што плете приказни, џемперчиња и капи за Надја, а богами и за мене и сестра ми, додека растевме. Нејзините игли се мека радост за создавање на најшарените шалови на светот.
„Лепчето што расте“ му припаѓа примарно на татко ми, човекот кој прв ме запозна и воведе со радоста и уметноста на месењето, иако никогаш нема да го надминам. Утрата полни со брашно, тегнењето кори на дрвената маса и мирисот на масло, праз, месо или сирење, топла крпа, за трите пити што испаруваат чекајќи, се како парче од неговата душа што е закрила за никој да не е гладен. Моите детски приказни се нивните несовршени, топли срца. А сега кога се баба и дедо, тоа доаѓа до израз, како добро обликувана кифличка, како совршено исплетена шара на шал“.

Иванка НиБа многу сака да црта животни. Заедно со нејзината ќеркичка Кристина секој ден цртаат по едно различно животно. Се дружат со мачорите Иво и Оги и кучето Бато, а омилен пејач им е славејот што живее во комшиското дрво. Сака да шлапка во вода, да крши и реди камчиња и да прави мозаици. Го обожава снегот, а во лето морето. Нејзина најголема инспирација се сите детски цртежи на светот.

На аниманираниот филм работеа:
Режија: Сандра Георгиева
Анимација: Горан Менков
Музика: Никола Бочваров
Илустрација: Иванка НиБа

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Костадиновска-Стојчевска: Го враќаме симболот на Скопје – Универзалната сала

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска ги најави градежните активности за реконструкција и адаптација на …