На 14 ноември 2024 година, од 19:19 часот во „Салон 19:19“ во Културно информативниот центар во Скопје, ќе биде промовирана книгата „Со свои зборови: интервјуа (1985 ‒ 2023)“ од Сергеј Андреевски.
Промотор: Јулијана Величковска
Книгата „Со свои зборови: интервјуа (1985 ‒ 2023)“ претставува прошетка низ времето, нѐ враќа на самите почетоци на сликарската кариера на Сергеј Андреевски. Таа прошетка се личните ставови на еден македонски ликовен уметник со меѓународна кариера за уметноста, животот и секојдневното битисување искажани во серија интервјуа, разговори и изјави, почнувајќи од 1985-тата година, па сѐ до 2023 година.
Изданието е поддржано од Министерството за култура.
Сергеј Андреевски (1960, Скопје) е академски сликар и основач на меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „АРТ ПОИНТ – ГУМНО“, со седиште во с. Слоештица, каде што е и куратор на Меѓународната уметничка резиденција и колонија, што успешно се реализира од 2003 година.
Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1985 година, а бил и стипендист во Рим („Галерија ди арте модерна“, 1987/’88) и во Нирнберг во 1991 г. Од неговите позначајни студиски престои во странство може да се издвојат: Архус, Данска; “Cité des Arts Internationale-Paris”, Франција; “Acme Art Studios”, Вилмингтон, САД; “Asolare Fine Arts Foundation”, Лексингтон, САД; “Imadate”, Јапонија; “Pi Artworks”, Истанбул, Турција; “Cromarty Arts Trust”, Кромарти, Шкотска; “In Situ”, Александрија, Египет; “Al Maken”, Тунис и многу други.
Сергеј Андреевски реализирал повеќе од 60 самостојни изложби низ целиот свет, и учествувал на повеќе од 200 групни изложби. Добитник е на многу државни награди.
Неговите дела се дел од збирките на бројни државни институции, музеи и приватни колекционери ширум светот, како: “Kunsthaus”, Нирнберг, Германија; „Imadate Art Museum“ во префектурата Фукуи, Јапонија; „Cameron Art Museum”, Вилмингтон и „Captain White House Museum“, Греам, Северна Каролина, САД; „Cromarty Arts Trust“, Шкотска; „Музеј на современа уметност“, Шенжен, Кина и други.