Во кафе-книжарницата „Буква“, денес, со почеток во 19:30 часот, ќе биде промовирана книгата „Приказни за истражувачи“.
Една книга. Шеснаесет биографии. Осум млади преведувачи. Илјадници нови светови.
На страниците од оваа книга – низ ентузијастично сработените преводи на студентите од Катедрата за англиски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, под менторство на проф. д-р Мира Беќар – оживеани се занимливите и богати биографии на шеснаесет фигури од интелектуалната историја на европскиот континент кои, на еден или на друг начин, имаат придонесено во обликувањето на денешниот свет.
Приказни за истражувачи е можност да се потсетите на достигнувањата на дел од најголемите гении на човештвото – како Галилео, Њутн или Александар фон Хумболт – но и можност да се запознаете со чудесните подвизи на некои помалку познати, но исклучително заслужни историски личности, како на пример Германката Каролина Хершел – која денес е запаметена како откривач на осум комети иако била неписмена слугинка до 22 години – или англиската природоилустраторка Маријана Норт, која самостојно ги пропатувала сите континенти за внимателно да наслика што е можно повеќе од егзотичните богатства на природниот свет.
Уникатно сведоштво на духовно-технолошкиот прогрес од последниве пет века, „Приказни за истражувачи“ е книга-повик, која не само што кани на љубопитно преиспитување на историјата туку нуди и патоказ кон потемелно разбирање на сегашноста, како и возбудлив поттик да се подобри, унапреди и разубави иднината.
Младите преведувачи кои ги преведоа од англиски текстовите во оваа книга се: Ана Илиева, Ана Маркоска, Елена Кузмановска, Ѓурѓица Панова, Максим Јордански, Марија Краљевска, Симона Шурбановска, Софија Ставреска.
Приказни за: Фернандо Магелан, Франсиско де Орељана, Галилео Галилеј, Исак Њутн, Каролина Хершел, Бенџамин Томпсон, Жорж Кивје, Александар фон Хумболт, Хамфри Дејви, Чарлс Лајл, Луј Агаси, Марија Мичел, Џон Хенинг Спик, Маријана Норт, Кристина Розети, Томас Едисон.