5 декември 2023година, 19 часот
Салон – Империјал 2
Културно информативниот центар – Скопје, има особена чест и задоволство да ве покани на промоција на книгата „КАДУЦЕЈ И ЛИРА” од Сузана В.Спасовска на ден 5.12.2023 година со почеток во 19:00 часот во Салон – Империјал 2
Промотори на настанот ќе бидат: Ана Димишковска и Гоце Смилевски. Стихови ќе интерпретира актерката Софиа Насевска-Трифуновска. На настанот со музичка придружба на харфа ќе настапи Мерсиха Шукри.
Сузана В. Спасовска (1972) досега објавила седум стихозбирки, една студија за слободниот стих и една антологија на поезија од млади автори. Нејзини песни се објавувани во некои од изборите на македонската современа поезија. Пишува книжевнотеориски текстови и работи како професионален лектор и предавач по македонски јазик на Американ колеџ – Скопје.
Извадок од рецензијата на Ферид Мухиќ
ВРАЌАЊЕТО НА ГОЛЕМАТА ПОЕЗИЈА
Дека поезијата е во постојано осцилирање помеѓу Големата Поезија и Малата Поезија, изразени во фазите на автентична инспирација, посветена на интензивна валоризација на најзначајните феномени на човечкиот живот, и на периоди на внатрешна мисловна испразнетост, која ја пополнува со стилистички експерименти и еуфониски ефекти, тоа го потврдува целата нејзина досегашна историја. Со својата најнова поетска збирка, Сузана В. Спасовска на современата македонска поетска сцена суверено ја враќа Големата Поезија.
Секоја од овие осумдесетина песни е испеана суверено, ерудитски поткрепено, преточена со високо мајсторство во лирски префинети стихови исполнети со епска сила. Таа моќна, витална енергија претставува непосреден ефект на начинот на кој Сузана В. Спасовска поетски ја толкува величественоста на Љубовта, Копнежот и Смртта, како најзначајни феномени и клучни координати на човечкиот живот. Наместо рутинската патетика со која толку често се версифицира Смртта, во песните од оваа исклучително значајна збирка, одѕвонува сонорниот пев на човекот херојски соочен со свеста за сопствената финалност; наместо да биде прикажана со ноторно озлогласената млака сентименталност и трогателната патетика, Љубовта е потврдена со печатот на својата кралска благородност и дигнитет, со сета онаа зашеметувачка магичност достапна само на висококултивираните духови.