Промоција на биографска книга „Јован Спасеновски-Џагула – херој и инспирација за спортисти и за неспортисти“ од авторот Васко Марковски

Новата биографска книга „Јован Спасеновски-Џагула – херој и инспирација за спортисти и за неспортисти“, од авторот Васко Марковски ќе биде промовирана на 11 декември (среда), во 18:30 часот во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.

Промотори на книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе бидат книжевната критичарка Александра Јуруковска и писателот Иван Шопов. Дизајнот на корицата го изработи Зоран Кардула.


Станува збор за приказна од која можеме да научиме дека не е само фраза кога ќе се каже дека е некој 90 години млад.

Јован Спасеновски-Џагула (роден 1934) е спортска легенда на Тетово и Македонија, кој активно спортуваше до својата 88-годишна возраст. Од тоа што го поминал низ животот можеме многу да научиме: за историјата на еден град, во една земја, за историјата на три спорта, за личниот придонес на граѓанинот кон развојот на својот роден крај, за поттикот што можат да им го дадат спортистите и учителите на своите сограѓани и на помладите спортисти, за од нив да се развијат благородни личности. За историјата на Тетово, на тенисот, на скијањето, на ФК Љуботен, на трговијата со нафтени деривати во Тетово и во скопско-тетовскиот крај… За историјата на создавањето на Ски-центарот „Попова Шапка“, на Шарпланинскиот куп; историјата на ТК Љуботен, на ширењето на тенисот во Македонија , за развојот на ветеранскиот тенис во независна Македонија и на Балканскиот Полуостров.


Пред нас имаме приказна од која можеме да научиме дека посветеноста знае да даде плодови за личната благосостојба и за доброто на нашето потесно или пошироко општество, во различни општествени услови и уредувања, во различни формати на географскиот простор или пазарот кон кој се стремиме, без разлика на возраста и духот на општеството. Влогот раѓа на две полиња истовремено: на личното и на заедничкото.
Посветеноста, добрината и истрајноста се клучот за сè.

Васко Марковски (1973) е туристички водич, патеписец и литературен преведувач. Завршил студии по турски и чешки јазик и книжевност. Работел дваесет години како новинар и уредник во различни медиуми. Бил главен уредник на „Free Time Guide – Macedonia“ (2008-2011). Автор е на неколку книги, вклучувајќи „Корпоративно утро“, „Урбани легенди“, „Непозната Македонија“ и „Скопски улици“. Преведува од турски на македонски. Во 2014 година објавил избор од песни на Орхан Вели. Добитник е на признанието „Најдобар промотор на Македонија“ за 2010 година.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

СЕ ПРИБЛИЖУВА МЕСЕЦОТ НА ЉУБОВТА: Овие 5 знаци треба да се подготват

*Хороскопските препораки и совети не треба да се сфаќаат особено сериозно, а за сите индикации …