Проекција на филмот „Караула“ вечерва во Кинотека

Вечерва со почеток во 20:00 часот, во Кинотека на Македонија, љубителите на филмската уметност ќе имаат можност да го проследат играниот филм „Караула“.

Дејствието на филмот се случува во 1987 година, на македонско-албанската граница, пред почеток на војната во бивша Југославија. Екипажот на една зафрлена караула не знае што се случува во земјата и влегува во трагикомични ситуации со месното население од двете страни на границата. Постојано пијаниот и фрустриран поручник Сафет Пашиќ (Хаџихафизбеговиќ) заболува од сифилис и бара помош од единствениот доктор меѓу војниците, сплиќанецот Синиша Сиричевиќ (Гојановиќ). Поручникот, сакајќи да ја скрие својата болест, измислува напад на Албанците врз Југославија и го доведува целиот баталјон во воена психоза.


Синиша влегува во љубовна врска со Мирјана, сопругата на Пашиќ (Недеска), неговиот најдобар другар Љуба (Трифуновиќ) сака да ја напушти војската, па изјавува дека по повод Титовата штафета ќе трча од караулата на македонско-албанската граница до Куќата на цвеќето во Белград. Работите крајно се усложнуваат откако Љуба ќе се откаже од мисијата, што ќе доведе до отворен конфликт со поручникот Пашиќ… Говорејќи за не толку дамнешното минато без носталгија и омраза, КАРАУЛА е комедија за личностите кои се наоѓаат на чекор од трагедијата.

КАРАУЛА е првиот филм по распадот на Југославија во чија продукција учествувале екипи од Србија, Македонија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина. Филмот е снимен според романот на Анте Томиќ, „Ништо не смее да нè изненади“ („Ništa nas ne smije iznenaditi“), алузија на паролата за концептот на постојана будност на Народната одбрана на Југославија од можна агресија однадвор.


Според дел од филмските критичари, КАРАУЛА е врв во творечкиот опус на Грлиќ.

КАРАУЛА


(Karaula)

Игран филм, Хрватска / Македонија / Србија

2006, 94 мин., колор, 35 мм

Режија: Рајко Грлиќ (Rajko Grlić)

Сценарио: Рајко Грлиќ, Анте Томиќ (Rajko Grlić, Ante Tomić)

Улоги: Сергеј Трифуновиќ, Тони Гојановиќ, Емир Хаџихафизбеговиќ, Богдан Диклиќ, Верица Недеска, Игор Бенчина (Sergej Trifunović, Toni Gojanović, Emir Hadžihafizbegović, Bogdan Diklić, Verica Nedeska, Igor Benčina)

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Со проекција на играниот филм „Дете од војна“ започнува „Недела на романски филм“ во Кинотека

Од 14-18 октомври во Кинотека на Македонија ќе се одржи „Недела на романски филм“, во …