Проекција на еден од најдобрите хрватски документарни филмови на сите времиња „Скопје 63“ вечерва во Кинотека

Вечерва, во Кинотека на Македонија, со почеток во 20:00 часот, ќе биде прикажан еден од најдобрите и најнаградувани хрватски долгометражни документарни филмови „Скопје 63“.

На 26 јули 1963, во 5 часот и 17 минути, Скопје го погоди катастрофален земјотрес со јачина од 6.1 степен по рихтеровата скала. Само три дена подоцна, режисерот Вељко Булајиќ со својата екипа пристигнува во разурнатиот град. Следните неколку месеци се снима материјал, сведоштво за потресната судбина на градот. Булајиќ, по завршувањето на првата етапа од реализацијата, цели 12 месеци го монтира и синхронизира снимениот материјал. Монументалниот документарен проект е прикажан на фестивалот во Кан во 1964, а на венецијанското филмско биенале ја добива наградата за најдобар долгометражен документарен филм.


СКОПЈЕ 63 е сведоштво за моќта на филмот како медиум, сведоштво за битната авторска визија. Филмот е во продукција на тогашниот Вардар Филм и Јадран Филм, а при реализацијата Булајиќ соработувал со нашите познати автори и филмски дејци – Јован Бошковски, Матеја Матевски, Ѓорѓи Старделов, Љубе Петковски, Драган Салковски. За потребите на филмот е снимен и еден од првите концерти на Есма Реџепова и нејзината изведба на Chaje Shukarije.

Во 2020 година хрватските филмски критичари го прогласија токму ова остварување за еден од најдобрите хрватски документарни филмови на сите времиња.


СКОПЈЕ 63
(Skopje 63)
Документарен филм, Хрватска, Македонија
1964, 77 мин, ДЦП
Режија: Вељко Булајиќ (Veljko Buljaic)


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денес се сеќаваме на истакнатиот македонски историчар на уметност и публицист Димитар Ќорнаков

Проф. д-р. Димитар Ќорнаков е роден во 1927 година во Стојаково, Гевгелиско. Тој беше македонски …