На 15 ноември, со почеток во 20:00 часот, во Public Room ќе се одржи проекцијата на документарниот филм „Лезбија” (2024, 78′), режиран од грчката авторка Цели Хаџидимитриу. Настанот е дел од QUEER програмата на тринаесеттото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО.
Филмот ја следи развојната историја на една од најпознатите лезбејски заедници во Европа, која од 1970-тите години па сѐ до денес се формира и расте во малото село Ересос на островот Лезбос – местото каде што живеела античката поетеса Сафо. Преку личната перспектива на режисерката, која самата е родена на Лезбос, „Лезбија” ги отвора приказните за жените кои тука го пронаоѓаат својот простор на слобода, љубов и заедништво, но и сложените односи со локалното население кое низ годините реагира со различни нивоа на прифаќање, отпор или недоверба. Филмот документира повеќе од четири децении културни, општествени и лични судири, кои го обликуваат животот на ова уникатно место.
По проекцијата ќе се одржи разговор во живо со режисерката на филмот Цели Хаџидимитриу, модериран од Душица Лазова – авторка, уредничка и истражувачка чија работа ги поврзува родовите студии, квир теоријата, културата и дигиталните медиуми.
Вечерта ќе продолжи со DJ сет на Emily Nas. Настанот е бесплатен и отворен за сите заинтересирани.
Програмата е реализирана од Tiiiit! Inc., со поддршка од Equality Fund, Global Fund for Women, Kvinna till Kvinna и Embassy of Sweden.
ekran платформа за слободоумни