Претставата „Синиот портокал“ на театарот „ Јордан Хаџи Константинов- Џинот“ гостува во Богданци

Во понеделник, 4 декември 2023 година, во ЈОУДК “Бранд Петрушев” Богданци, со почеток во 19:00 часот, ќе биде изведена претставата „Синиот портокал“ – гостување на Театарот „Јордан Хаџи Константинов –Џинот“  од Велес.

По премиерата на претставата „ Синиот портокал“, на малата сцена на НТ- Велес, на 12 април 2017, наградениот со „ Лоренс Оливие“, драмски текст на современиот британски драматичар и сценарист, Џо Пенхол , на 14 јули годинава беше прикажан во МНТ, во рамките на „ Скопско лето“.


Режијата на оваа камерна постановка, со која Пенхол за прв пат е претставен пред домашната публика, ја потпишува Александар Ивановски. Тој работеше и на драматизацијата заедно со драматургот Катерина Момева, а го направи и изборот на костимите, заедно со тројцата актери, учесници во претставата. Неговата режија е базирана на актерската игра на реалистичен театар и ја отсликува нашата стварност, низ една манифестација на вечната тема за судирот меѓу единката и системот. И не станува збор за било каква единка, туку за човек со сериозно ментално растројство. Фабулата портретира шизофреничар во психијатриска болница, што го толкува Фаик Мефаилоски, кој поминува низ хаос, поради ривалството околу третманот на неговото здравје и иднина , од двајца психијатри. Едниот веќе високо етаблиран и позициониран во системот, го игра Самоил Стојановски, а другиот е млад консултант кај него, а му е доверен на Жарко Спасовски.
Во адаптираниот во локални рамки, драмски материјал , шизофреничарот од афроамериканец по име Кристофер , е претставен како ром, по име Ерџан. Во тој контекст, дискриминацијата кон ромите кај нас и пошироко, во негативен, а и во позитивен контекст, како еден од социо- политичките проблеми што ги загатнува претставата, функционира исто толку легитимно, како во оригиналниот текст на Пенхол, со афроамериканецот. Претставата работена врз слоевитиот текст , зборува и за робувањето на институциите на бирократските норми, за примената на стари методи во лекувањето на болните и на вечниот недостаток од кревети за нивно сместување. При тоа, со адаптацијата е задржано оригиналното име на лекарот и ментор, Роберт, а помладиот, од Брус е преименуван во Костадин – Кочо.

„ Синиот портокал “ е претстава која ќе остане запаметена по играта на Фаик Мефаилоски. Тој покажа исцело направена актерска креација, чија слоевитост трнува од богатата појавност со гестови, тикови и движења, до прилагодување на текстот на природниот говор и на исклучително вешто прикажаните трансформации, кои ликот ги бара од него. Неговиот Крис е само навидум комичен лик. Под комичното се крие трагедијата на неговиот живот, зашто не е само болен, туку е и сам на светот. Тоа Фаик одлично го долови низ играта, без ниту грам патетика. Накусо, тој прикажа органски совладан карактер, чиј темперамент и мирис лесно ја преминуваат рампата и се лепат за срцата на гледачите.


Интригантен, прагматичен, кариерист и бирократ. Ова се каректеристиките за ликот на психијатарот Роберт, прикажани низ изведбата на актерот Самоил Стојановски. Тој креира лик на човек фокусиран на својата цел и интерес, спремен лекарската етика да ја замени за нормите пропишани од здравствениот систем. Кај Стојановски тоа е прецизно напревено, преку фацијаната експесија и интонацијата на гласот, но како да немаше соодветен однос кон просторот ( на малата сцената на МНТ), па неговите движења во желбата да ја покаже доминацијата на Роберт во секоја ситуација, напати делуваа пренагласено.

Жарко Спасовски како младиот психијатар Кочо, прикажа лик на лекар кој кон пациентот настапува професионално, но и човечки, дури и по цена да ја изгуби можноста за напредок во кариерата. Неговата креација е уверлива, игра со смирен тон во гласот и изгледа елегантно, но недостасува малку бунт и покажана нервоза, согласно искушенијата што му ги наметнува Роберт, а и незавидната положба во која се наоѓа неговиот пациент Ерџан.
Сценографијата е на Филип Коруновски. Таа е решена како психијатриска ординација во која се испитува менталната состојба на Ерџан. Во неа тој доаѓа на испитувања и заминува, така што игра и во позадината. Изборот на реквизити соодветствува со потребите на лекарската практика, но поставената клупа во тој простор е вон контекстот зашто асоцира на чекалница, а не на кабинет. Но, полн погодок е изборот на трите плакати на тема, ментално здравје, закачени во ординацијата. Особено централно поставениот, чија порака гласи: „ Ја сум личност , а не здравствен проблем од ментална природа“. Ова е главната порака што претставата „ Синиот портокал “ ја праќа до публиката, за да развие толеранција кон поинаквите и да не дискриминира. Таа порака воедно е своевиден наслов на претставата, зашто плакатот веднаш влегува во очи , пред самиот почеток на изведбата на празната сцена и интригира, дали и како ќе биде „ одбранета “ низ постановката. А, според комплетниот впечаток, одбранета е со успех .


Музиката е на Сашко Костов. Компонирана и распоредена е така што не доминира , туку повеќе сугестивно ги дообликува сцените во кои тече и ја креира нивната атмосфера. Костов е докажан композитор и музичар, а соработката со театарот од неговиот роден град е природна. И како во изминатите заеднички искуства и овдека се покажа дека е вистински избор за резидентен композитор на театарот „ Јордан Хаџи Константинов –Џинот“ , од Велес. – Сотир Трајков.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Читаме боса нова со „Акварела“ квартет

„Литература.мк“ во партнерство со радиото „Џез ФМ“ организираат низа музички настани во новото Café Literatura …