Вечерва, со почеток во 20:00 часот, во Театар Комедија во Скопје, ќе биде изведена претставата „Череп во Конемара“.
Пиесата „Череп во Конемара“ е дел од трилогијата „Линејн“ и првпат е поставена во 1997 година во Градскиот театар во Голвеј. Дејството е сместено во рурално место во околината на градот Голвеј, во областа Конемара, каде што живеат навидум богоугодни и длабоко религиозни луѓе. Недолго по разменувањето на првите реплики, се открива дека, всушност, ликовите се неморални, лицемерни, злобни, а дека Конемара е место каде што владее безвластие, па и најситна кавга или зајадлив коментар може да поттикнат насилство, па дури и убиство.
Мартин Мекдона (1970) е препознатлив по својот апсурдистички црн хумор во драмските текстови и во филмските остварувања. Неговите најуспешни пиеси се сместени во Западна Ирска и се напишани на ирски идиом. Комбинацијата од руралните ирски предели и изместениот урбан сензибилитет им дава мрачен, насилен и смешен призвук на неговите дела.
Автор: Мартин Мекдона
Превод: Горјан Милошевски и Јане Спасиќ
Режија: Јане Спасиќ
Сценограф: Валентин Светозарев
Костимограф: Ивана Каранфиловска
Автор на музика: Дарија Андовска
Асис. на костимограф: Марија Ѓоргиевска
Инспициент: Нурјамет Рушити
Суфлер: Весна Куковска
Играат:
Сергеј Димоски – МИК ДАУД
Елена Кузманов – МЕРИЏОНИ РАФЕРТИ
Виктор Арсов – МАРТИН ХЕНЛОН
Тони Денковски – ТОМАС ХЕНЛОН
Билети можете да набавите на билетарницата на Театар Комедија или онлајн преку www.online.teatarkomedija.mk