Премиерната изведба на претставата „Младоста последна умира“ во Лабораториум

На 12ти декември 2023 година со почеток во 20:00 часот во новиот простор Лабораториум премиерно ќе биде изведена претставата „Младоста последна умира“.

Дали и колку е возможно независниот уметник да се вклопи во веќе поставената и општо прифатена норма за тоа што еден млад човек треба да постигне пред да наполни 30 години? „Младоста последна умира“ во продукција на Пресврт е документарен проект, архива на разговори со актери која подлабоко ја истражува социо-политичката, економска и културна положба на младите луѓе од Република Северна Македонија, кои се близу да наполнат 30 години. Како некоја бројка која означува почеток на нова декада истовремено оваа возраст означува исполнување на одредени очекувања во доменот на работата, личниот и фамилијарниот живот, како и осамостајувањето.


Овој проект зборува за нашето секојдневие, за нашата борба да ја преживееме младоста во Македониja или надвор од неа. Стоејќи на прагот, да ја преминеме границата на дефиницијата „млади“, ова е извештај за преживеаното и наученото. Ги отвораме прашањата на кои често и немаме одговор. Ова е претстава за нашиот систем на вредности, за културата што никогаш не ја сведочиме и за уметноста што можеби никогаш нема да ја направиме.

Актерската екипа составена од Ангела Стојановска, Јанка Лефкова, Лазар Христов и Никола Ристески ја истражува релацијата за тоа како културните политики влијаат врз нивниот кариерен развој и како тој го обликува нивниот приватен живот. Драматург на претставата е Ева Камчевска, а продуцент Петар Антевски.


Билетите, по цена од 400 денари се достапни во Лаб Кафе (Лабораториум).

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Костадиновска-Стојчевска: Го враќаме симболот на Скопје – Универзалната сала

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска ги најави градежните активности за реконструкција и адаптација на …