ПОЧНУВА 10. ИЗДАНИЕ НА СКОПЈЕ СИНЕМА СИТИ: ГРУПНА ИЗЛОЖБА НА ФОТОГРАФИИ ЗА ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ, НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО НА ЗБИГЊЕВ ПРАЈСНЕР, ФИЛМОВИ ЗА САНТАНА, БЕЈКЕР И СТРАМЕР

Со изложба на концертни фотографии како и архивски материјали, насловена „The Vlatko Stefanovski Experience“ која ќе се отвори на 26-ти јуни во 21 часот во галерискиот простор на Мала станица, ќе биде означен почетокот на јубилејното, десетто издание на фестивалот Скопје Синема Сити.

Програмата на фестивалот е организирана во два дела: изложба на фотографии во галеријата Мала Станица „The Vlatko Stefanovski Experience“ и филмска програма од 1 до 4 јули и која ќе се одвива во Кинотека на Македонија.


Изложбата „The Vlatko Stefanovski Experience“ претставува дел од историјата на Влатко видена низ призмата на четворица реномирани фотографи како Стефан Рајхл, Ангел Ситновски, Огнен Ацевски и Немања Ѓорѓевиќ, а ќе бидат вклучени и архивите на музичкиот историчар Тошо Филиповски и Владимир Мандичевски – Манде. Како куриозитет ќе бидат изложени и звучниците Legendary на Теохаров аудио, кои се дизајнирани заедно со Влатко.

Филмскиот дел кој ќе се одвива во Кинотека на Македонија од 1 до 4 јули, ќе биде отворен со „Карлос“, филм за големиот гитарист Карлос Сантана, додека вториот ден ќе се прикажат филмовите „Ајде да се изгубиме“ за џез трубачот Чет Бејкер и „Џо Страмер: „Иднината е ненапишана“.


Земја во фокус на фестивалот е Полска, каде ќе бидат прикажани два филма на Грегор Брзозович, кој и ќе биде гостин на фестивалот. Исто така, Скопје Синема Сити ќе додели награда за животно дело на големиот филмскиот композитор Збигњев Прајснер.
За Прајснер:

Во периодот помеѓу 1985 и 1996 година, почнувајќи од филмот „No End“, Прајснер бил еден од најблиските соработници на Кишловски и заедно работеле на 17 филма. Меѓу познатите филмови што изнедриле исто толку позната музика се мини серијалот „Decalogue“, филмовите „А Short Film About Killing“, „A Short Film About Love“, „The Double Life of Veronica“, трилогијата „Three Colours“. Нивната соработка не била само насочена кон светот на филмовите туку и кон концерти. „Requiem for my Friend“, кој е посветен на Кишловски, првично бил замислен како концертно дело со поинаква природа, кое требало да се изведува на подиуми во европските метрополи. Всушност, Кишловски и требало да го режира. Но со неговата прерана смрт во 1996 година, природата на ова дело се менува. Поделено на два дела, насловени како „Requiem“ и „Life“, ова е најемотивното дело во опусот на Прајснер.


Покрај Кишловски, Прајснер е автор на музика за десетици филмови, меѓу кои се „Damage“, „Aberdeen“, „The Secret Garden“, „Man of God“. Неговата карактеристична лиричност и емотивност довела и до многубројни соработки, како со Дејвид Гилмор од „Пинк Флојд“ и со Лиса Жерар од „Dead Can Dance“.

Последната вечер е посветена на македонските филмови и ќе бидат прикажани филмовите „Лука“ на Ице Виранов и „Тале Огненовски“ на Благојче Трајковски.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: На денешен ден во 2010 година почина истакнатиот македонски карикатурист Делчо Михајлов

Делчо Михајлов е роден на 27 ноември 1947 година во Скопје. Тој беше македонски карикатурист, …