Почина македонската писателка Оливера Николова, авторката на „Зоки Поки“.
Таа е писателка за возрасни и за деца и е една од најплодотворните, најнаградувани и најчитани македонски писателки.
Оливера Николова е родена на 11 март 1936 година во Скопје. Дипломирала на Филозофски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Целиот работен век го поминала во Македонската радио-телевизија, работејќи како уредник и драматург. Таа e член на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година.
Оливера Николова е автор на неколку телевизиски игри: „Зоки Поки“ (тв-куклена серија); „Среќен пат, Зоки!“ (тв-куклена серија, со Глигор Поповски и Видое Подгорец); „Девојките на Марко“ (тв-серија во шест епизоди). Исто така, таа е автор и на неколку радио-игри: „Земја во која не се стигнува“, „Игра за мама“, „Од палец до сон“, „Како расте татковината“, „Големото зошто“ итн.
Добитничка е на Орден за заслуги за Македонија во 2024 година.