По долго боледување на 50 – годишна возраст почина Наташа Маневска, драматург во Центарот за култура „ Ацо Шопов“ во Штип. Веста за нејзината смрт ја споделија колегите од Центарот за култура.
Со огромна тага ја споделуваме веста за смртта на нашата колешка Наташа Маневска, драматург во НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип, соопшти штипскиот театар.
Наташа Маневска стана дел од колективот на Штипскиот центар за култура во 2011 година, а од истата година до 2015 беше директор на оваа национална установа. Од 2016 година Маневска беше на работното место драматург.
Како внука на доајенот на македонскиот театар Ристо Стефановски, Маневска покажа исклучителна љубов и посветеност кон театарот. Така што немаше издание на МТФ „ Војдан Чернодрински“, а таа да не беше дел од него, следејќи ги сите претстави, во натпреварувачката и придружната програма.
Посмртните останки ќе бидат изложени во капелата на градските гробишта во Штип в четврток, 27.2.2025, од 13 до 14 часот. Комеморација во нејзина чест ќе се одржи во Театар „Штип“ в петок, 28.2.2025 во 12 часот.