Пет причини зошто треба да јадеме кисела зелка: Поради нив сигурно ќе ја засакате уште повеќе

Киселата зелка има многу придобивки кога е здравјето во прашање, а ние ги издвојуваме 5-те најважни кои сигурно ќе ве натераат почесто да ја јадете
Киселата зелка е намирница за која се верува дека е откриена во Кина пред 2.000 години. Процесот на ферментација резултира со раст на корисни пробиотски бактерии, што ја прави исклучително здрава храна. Обидете се да набавите домашен производ, но доколку не сте во можност, при купување изберете зелка која не е пастеризирана, за да не се уништат споменатите корисни бактерии. Киселата зелка за многумина е незаменлива зимска намирница благодарение на нејзините здравствени придобивки.

1. Извор е на корисни хранливи материи
Киселата зелка е добар извор на влакна, витамини и минерали. Ферментираните производи се полесни за варење: ензимите од киселата зелка му помагаат на телото да ја разгради храната на помали, полесно сварливи молекули. На овој начин ќе се апсорбираат повеќе хранливи материи, што позитивно ќе влијае на енергијата и виталноста, пренесува BBC Good Food.


2. Може да го зајакне имунитетот
Повеќето од имунолошките клетки на телото се наоѓаат во цревата, поради што се сметаат за центар на имунолошкиот систем. Супстанциите во кисела зелка можат да помогнат во одржувањето на здрав дигестивен тракт, како и да ги стимулираат постоечките антитела за борба против штетните материи. На овој начин се намалува ризикот од инфекција. Покрај тоа што содржи корисни бактерии и служи како природен пробиотик, киселата зелка е добар извор на витамин Ц и железо, хранливи материи познати по нивните позитивни ефекти врз имунитетот и здравјето.

3. Влијае на здравјето на срцето
Киселата зелка може да биде корисна за балансирање на нивото на холестерол благодарение на високата содржина на влакна и пробиотски бактерии. Исто така е добар извор на калиум, кој може да помогне во намалување на крвниот притисок. Витаминот К2, кој се наоѓа во оваа намирница, може да го спречи таложењето на калциум во артериите и на тој начин да делува превентивно при артериосклероза и проблеми со срцето.


4. Може да го подобри расположението
Ферментираната храна, повторно преку цревата, може позитивно да влијае на расположението. Одредени видови на пробиотски бактерии (вклучувајќи Lactobacillis helveticus и Bifidobacteria longum) кои се наоѓаат во киселата зелка можат да ја ублажат нервозата. Во цревата се создава поздрава рамнотежа, а одредени масни киселини поволно делуваат на воспалителните процеси во организмот. Оваа намирница содржи и магнезиум и цинк, микронутриенти кои ја балансираат состојбата на цревата и со тоа позитивно влијаат на расположението.


5. Помага при вишок килограми
Како и повеќето салати, киселата зелка нема многу калории и е идеална ако сакате нешто да грицкате дури и кога сте на диета. Во 100 грама од оваа моќна намирница има само околу 20 калории, кои можете многу брзо да ги потрошите. Исто така, киселоста може да помогне во разградувањето на маснотиите по обилен оброк и затоа не случајно на празничната трпеза често се служи кисела зелка со специјалитети од месо.

Дали киселата зелка е безбедна за секого?
Оваа салата се препорачува за повеќето луѓе, но поради високата содржина на хистамин (биохемиска супстанција несоодветна за функционирање на бројни органи), луѓето со алергија на оваа супстанца може да доживеат несакани ефекти по конзумирање на кисела зелка. Оваа намирница може да содржи и високо ниво на тирамин, па пациентите кои земаат терапија како што се инхибитори на моноамин оксидаза (МАО инхибитори) треба да бидат внимателни кога ја воведуваат во нивната исхрана. Дополнително, на луѓето кои боледуваат од хронични заболувања им се препорачува да се консултираат со лекар пред да ја консумираат оваа намирница.

Кога сами киселите зелка, обидете се да користите стерилни садови и следете проверен рецепт. Обрнете посебно внимание на времето и температурата на ферментација, како и количината на сол. Доколку, сепак, ја пресолите зелката, не очајувајте, постојат трикови кои можат да ви помогнат да го постигнете вистинскиот вкус!

Фото: Архива

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Обрнете внимание – Пет тивки знаци на проблеми со срцето кои не треба да ги игнорирате

Дали вашето срце е здраво? Во една студија од 2015 година објавена во JAMA, осум …