Пасворд продукција: Дојран беше нашето место и секогаш ќе бидеме благодарни за рајот кој го уживавме


Дојран беше нивното место и секогаш ќе бидат благодарни за рајот кој го уживаа сите, велат од Пасворд Продукција.
Ви го пренесуваме целиот текст објавен на социјалните мрежи:
Драги Д Фестивалџии,
Сакавме со најпозитивна енергија да заминеме од Дојран, истата енергија каква што кружеше низ фестивалот во изминатите 15 години, а вие добро ја познавате.
Не сакавме јавни препирки, негативна енергија и уште едни типични негативни вести на вашите социјални медиуми.
Сепак, во нашето општество секогаш политичарите биле поголеми рок ѕвезди од музичарите.
Дојран беше нашиот дом цели 15 години.
За нас тоа не беше само 3 дена за време на фестивалот, туку со десетици работни посети годишно, како и цел месец пред и недели потоа.
Подготвени бевме за сите ваши тешки и емотивни реакции, многу слични на нашите чувства кога ја донесовме одлуката.
Верувајте, кога ги читавме реакциите, бевме и радосни што Д Фестивал ви значи исто толку на вас колку и нам.
Секоја одлука која ја правиме за фестивалот ја правиме со позитивна мисла и желба за развој на културата во Македонија, за опстојување на единствениот фестивал од овој вид кај нас. Од мал концерт со позајмен генератор и стотина посетители до 3 дена кои се очекуваат цела година. 🙂
И сега, веруваме и ќе докажеме дека Д Фестивал е лудоста и позитивната енергија на тимот кој 15 години работи за тој сон да се остварува од година во година!
Дојран беше нашето место и секогаш ќе бидеме благодарни за рајот кој го уживавме и на сите Дојранчани кои беа најдобрите домаќини!
Д Фестивал од годинава ќе ја промени својата локација, а причината е едноставна:
Човечкото достоинство има лимит. Можеш да нѐ излажеш 3 пати, но не сто пати.
Со години еден ист човек нѐ туркаше кон заминување, а се уверивме дека за него Д Фестивал и не е културен настан, а ни туристички или економски бенефит за градот Дојран и околината. Заборавивме дека политичарот, нема проблем да објави и 10 лаги за да ја промени реалноста.
Да бидеме фер, пак оставивме и повеќе од законскиот рок да се извини јавно за своите искажани невистини.
Но, за тоа треба доблест и искрена желба за подобро утре.
Ние одиме понатаму и Д Фестивал ќе постои сѐ додека веруваме дека можеме подобро, сите заедно.
Д Фестивал годинава ќе биде во Штип, ќе биде и хуманитарен за сите заедно да помогнеме во иницијативата „Support Кочани“!
Програмата и сите детали ќе ги објавиме откако ќе поминат 40-те дена жалост.
Со љубов и почит,
Д Фестивал
–> 4-6 јули, Штип

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ВИДЕО) Одбележале децении – Евровизискиот натпревар се ближи, а еуфоријата никогаш не е помала: Се сеќавате ли на најголемите хитови што ја освоија Европа?

Почнувајќи со хитот „My Number One“ преку изведувачи како Сакис Рувас или Руслана – Евровизискиот …