Зошто се чувствувам вака? Како да го подобрам својот однос со… Како да знам дали разговорот со психолог е вистинскиот чекор за мене? Како да ги подобрам своите комуникациски вештини? Како да ги разберам своите емоции? Дали е нормално да чувствувам товар кога сакам да ги споделам моите најинтимни мисли?
Ова се само дел од прашањата за кои ќе се разговора на дискусијата на тема “Грижата за себе и менталното здравје кај момчиња и мажи”, која ќе се одржи денес во СКЦ (студентски културен центар) од 19:00 часот.
Неодамнешните резултати од истражување на Националниот младински совет на Македонија, покажуваат дека предизвиците поврзани со менталното здравје се сериозни. Според ова истражување, 58 % од младите се борат со анксиозност, а 64 % се чувствуваат депресивно. Стигмата и неможноста за разбирање на проблемите од секојдневнието на младиот човек, или како што ги нарекуваат повозрасните, проблемите на новото време, се веројатно еден од клучните фактори поради кои денес ги имаме овие поразителни бројки.
Настанот ќе обедини експерти од различни области, обезбедувајќи значаен простор за информирање и совети за подобрување на менталното здравје. Ленче Алексовска-Величковска, спортски психолог, ќе разговара за демистификација на менталното здравје кај мажите и како културните и општествените ставови влијаат на посетување психолог, Кирил Тројачанец, психолог и експерт за стрес и анксиозност, ќе разговара за тоа како мажите гледаат на психологот, зошто мажите потешко ги изкажуваат своите емоции и како може да се промени тоа. Дополнително Весна Матевска, програмска раководителка на проектот во ХЕРА, ќе ги објасни целите на програмата и зашто смета дека подобрувањето на менталното здравје кај мажите е од критичка важност.
Во 2024 година, психолог не смее и не треба да биде табу тема, дојдете, преку дискусија да се запознаеме со реалната состојба на менталното здравје во нашето општество. Oвој настан е можност за сите да добијат одговор, што всушност претставува психологот и што значи разговорот со психолог.
Влезот е бесплатен.