Специјалната едиција наградени автори, победници на Конкурсот за необјавена поетска книга на македонски јазик, што традиционално се распишува во чест на македонскиот поетски великан Анте Поповски, од денеска е збогатена со збирката „Музеј на заборавот“, за која авторот Сашо Димоски стана добитник на престижната награда „Антево перо“ за 2024 година.
Книгата ја издаде издавачки центар ТРИ, а наградата ја доделува Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски АНТЕВО ПЕРО, Скопје. Книгата ќе биде претставена во рамките на централната свеченост на седмото издание на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“. Настанот е закажан за 3 октомври 2024 (четврток), во 19:30 часот, во Музејот на македонската борба за самостојност, при што на авторот ќе му биде врачен и првиот отпечатен примерок.