ОПШТИНА СТРУМИЦА ПРЕВЗЕМЕНА ОД КАРНЕВАЛИСТИТЕ! По повод претстојните случувања, светската карневалска елита доаѓа во Струмица

Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, денес симболично ќе го предаде клучот од Општината на претставници од Организацијата на Струмичкиот Карневал, охрабрувајќи ги да бидат добри домаќини на гостите и посетителите на Струмица во седмицата која претстои. Со овој чин, овогодинешното, јубилејно издание на карневалот официјално ќе биде прогласено за отворено.
Во претстојните карневалски денови, општината ќе биде домаќин на голем број туристи и посетители, а во Струмица ќе пристигнат и високи претставници и членови на Федерацијата на Европски Карневалски Градови – ФЕКГ (Federation of European Carnival Cities – F.E.C.C.), меѓу кои г-дин Ларс Алгел (Lars Algell), Шведска, Претседател на ФЕКГ; г-дин Бранко Брумен (Branko Brumen), Словенија, Генерален Секретар на ФЕКГ и Директор на “Курентованје“ Птуј; г-дин Александар Васовиќ (Aleksandar Vasović), Србија, Советник на Бордот на ФЕКГ и Директор на карневал Раковица; г-ѓа Мари-Клер Клајн Тисен (Marie-Claire Klein-Theisen), Германија, Претседател на ФЕКГ-Германија; г-дин Јурген Шмит (Jürgen Schmidt), Германија, Сенатор на ФЕКГ и Претседател на Надзорниот Одбор на ФЕКГ; г-дин Хирон Ван Леувен (Hyron Van Leeuwen), Холандија, Претседател на ФЕКГ Холандија; г-дин Озер Кујунџу (Özer Koyuncu), Турција, Претседател на ФЕКГ Турција; г-ѓа Ивана Бошковиќ (Ivana Bosković), Хрватска, Претседател на ФЕКГ Хрватска; г-дин Петар Радоја (Petar Radoja), Словенија, Потпретседател на ФЕКГ Словенија и многу други.

This image has an empty alt attribute; its file name is strumicki-karneval.jpg


“Драго ми е што по две години пауза, Струмица повторно ќе ги обедини љубителите на автентичните маски и паради на нашиот културен идентитет. Денес и официјално ќе го предадам “клучот“ од Општината на Карневалот и со овој потег пред сѐ, пожелувам уште едно успешно струмичко чудо кое ќе го збогати нашето секојдневие. Воедно, ги охрабрувам Организаторите, како добри домаќини да ги пречекаат нашите овогодинешни гости – еминентни претставници на Федерацијата на Европски Карневалски Градови, кои на мое задоволство ги има во голем број.“ – изјави Градоначалникот на Општина Струмица, г-дин Костадин Костадинов.

Со учество во карневалот, покрај домашните карневалисти, ќе се приклучат и познати карневалски групи од Балканот, меѓу кои и познатата Афро-Бразилска перкусиона група “Paranauê“ од Солун, Грција, кои повеќе од 20 години се дел од сите поголеми карневали во Грција, а настапувале и како предгрупа на светски познати ѕвезди, меѓу кои и Боб Дилан и Ману Чао.


Оваа година, карневалските празнувања ќе траат 8 дена, завршувајќи на 9. март, на празникот “Тримери“ со традиционалниот тримерски ручек и враќање на клучот од Општината. Главната карневалска вечер ќе се одржи на 5. март (сабота), додека карневалското дефиле ќе се одвива по скратена маршрута.

Во деновите на карневалското празнување ќе се одржат повеќе активности, меѓу кои концерт под маски на музичкото училиште „Боро Џони”, детски карневал, доделување награди на најдобрите карневалски маски, афоризми, карикатури и литературни творби на тема – “карневал“. Покрај редовните активности, во знак на јубилејот – 30 години организирано одржување на Струмичкиот Карневал, ќе се одржи и промоција на монографија.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ФОТО) Синот на Џони Деп работел во ресторан во Париз: Не копнее за слава и живее повлечено

Џек Деп, синот на Џони Деп и Ванеса Паради, бил вработен во ресторан во Париз. …