„Одисеја“ – Концерт на Македонската филхармонија на отворено утревечер во Градскиот Парк во Скопје

Во среда, на 19 јуни 2024 година, со почеток во 21:00 часот, во Градскиот Парк во Скопје, ќе имате можност да уживате во концертот на македонската филхармонија со наслов „Одисеја“.

„Филхармонија на отворено“ годинава ќе ве однесе на футуристичко патување низ дел од филмографијата на најкреативниот режисер на сите времиња – Стенли Кјубрик, визионерот кој изврши огромно влијание врз светската филмска уметност. Концертот носи наслов „Одисеја 2024“, кој е инспирација од неговиот револуционерен филм „2001: Вселенска одисеја“, но и кој ја најавува новата концертна сезона на Македонската филхармонија.


Под диригентската палка на маестра Дијана Имери Илкоска, ќе бидат изведени музички теми од големите композиторски имиња од светот на класичната музика: Моцарт, Бетовен, Штраус, Росини, Хачатуријан, Елгар, Хендл, Пук и Шостакович, кои ги одбележаа маестралните филмови: „Одисеја 2001“, „Пеколен портокал“, „Бери Линдон“ и „Очи широко затворени“.

Кјубрик на музиката гледал како едно од најмоќните оружја во неговите уметнички остварувања, па затоа и неговиот избор на дела бил мошне деликатен. Токму музиката на класичните композитори, ги прави филмовите на Кјубрик дотолку повеќе препознатливи, давајќи им посебна драматургија и естетика.


Диригент:
Дијана И. Илкоска

Програма:
Р. Штраус: „Заратустра“ („Одисеја 2001“)
Л. Бетовен: Симфонија бр. 9, 2 став („Пеколен портокал“)
Ј. Штраус: „На убавиот син Дунав“ („Одисеја 2001“)
Џ. Росини: Увертира од операта „Севилскиот берберин“ („Пеколен портокал“)
А. Хачатуријан: Адаџо од балетот „Гајане“ („Одисеја 2001“)
Џ. Росини: Увертира од операта „Вилијам Тел“ („Пеколен портокал“)
Џ. Росини: Увертира од операта „Крадливата страчка“ („Пеколен портокал“)
Е. Елгар: „Свечен и церемонијален марш“ („Бери Линдон“)
В. А. Моцарт: Марш од операта „Идоменео“ („Бери Линдон“)
Г.Ф.Хендл: „Сарабанда“ („Бери Линдон“)
Ж. Пук: „Бал под маски“ („Очи широко затворени“); Солист: Минела Богдановиќ, вокал
Д. Шостакович: Валцер бр. од 2 од „Џез свита“ („Очи широко затворени“)


Дијана И. Илкоска (1988) е една од најнадежните македонски диригенти. Своето образование го стекнува на Факултетот за Музичка Уметност – Скопје каде дипломира во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар (Оркестарско диригирање во 2014 г., Хорско диригирање и Музичка Теорија и Педагогија во 2011 г.), а магистрира во класата на проф. Борјан Цанев во 2018 г. Уште во студентските денови, интензивно работи како асистент на Маестро Ѓумар со Симфонискиот оркестар на ФМУ, а бележи настапи на повеќе престижни подиуми меѓу кои и фестивалите Охридско и Скопско Лето со Камерниот оркестар на Музичка Младина на Македонија. Нејзиниот настап беше проследен од легендарниот композитор Кшиштоф Пендерецки кој упати бројни пофалби за младата диригентка. Како студент ја остварува својата прва соработка со Македонската Филхармонија. Носител на бројни награди во повеќе дисциплини, Имери Илкоска ја продолжува соработката со Македонската Филхармонија, Оркестарот на Македонската Опера и Балет, Бугарскиот Национален Радио Симфониски Оркестар и Хор, Дубровачкиот Симфониски Оркестар. Остварува соработка со бројни солисти меѓу кои Дино Имери, Бојан Илкоски, Ивана Коцевска, Роланд Сентпали (Унгарија) и интернационалниот Дувачки Камерен Оркестар. Асистира на реномираните диригенти Маестро Јерухам Шаровски (Израел), како и Маестро Тимоти Редмонд (Велика Британија). Во 2020 г. остварува соработка со светски познатиот диригент – Маестро Урош Лајовиц (Словенија/Австрија) кој за нејзе ќе каже: „Дијана И. Илкоска е исклучителен талент и диригент кој може да ги оствари сите свои диригентски желби и да направи убедливи креации.“

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: На денешен ден во 2010 година почина истакнатиот македонски карикатурист Делчо Михајлов

Делчо Михајлов е роден на 27 ноември 1947 година во Скопје. Тој беше македонски карикатурист, …